Политичката криза, но и неатрактивноста на земјава како дестинација се главните причини за намалувањето на странските инвестиции. Ова е оценката на дел од економистите по изјавата на министерот за економија Дритон Кучи дека во првите два месеца приливот од странски инвестиции е 39,5 милиони долари што е 15,1 милиони помалку од истиот период лани.
Инвеститорите секогаш се претпазливи и најчесто апстинираат кога нема јасна политичка состојба во некоја земја. Второ би нагласил дека станува збор за многу силна конкуренција на светскиот пазар каде различни земји нудат многу поволности.Зоран Ивановски, универзитетски професор.
Според професор Зоран Ивановски, Владата поради зафатеноста и проблемите со политичката криза немала доволно време или капацитет да се посвети на ова прашање.
„Инвеститорите секогаш се претпазливи и најчесто апстинираат кога нема јасна политичка состојба во некоја земја. Второ би нагласил дека станува збор за многу силна конкуренција на светскиот пазар каде различни земји нудат многу поволности“, вели професор Ивановски.
Професор Ванчо Узунов смета дека главниот виновник за падот на странските инвестиции е политичката криза и оти последиците веќе се очигледни. Според него политичката состојба во земјава се уште е неизвесна и тешка и тоа ќе го почувствуваат граѓаните и во наредниот период.
„Во економијата никогаш не може да кажете дека има само една причина. Но дефинитивно може да кажете која е најбитна, а во Македонија тоа е политичката криза. И поголем да беше падот нема да зачудува бидејки нема изгледи кога и како ќе се реши кризата. И додека не се реши кризата приливот ќе биде сè помал и помал.
И според НБРМ во првите три месеци од годинава. Од јануари до март биле вложени 58,7 милиони евра странски инвестиции што е за 5,34 милиони помалку од истиот период лани.
За професор Ивановски суштинско прашање е квалитетот и обемот на директни инвестиции во изминатиот период, особено минатата година кога тој достигна 170 милиони евра, што е само 10 проценти од девизните дознаки на наши вработени во странство. Во традиционалната компонента со девизни дознаки нашите иселеници од странство учествуваат со најмалку 1,7 милијарди евра годишно, додека обемот на странски инвестиции е 10 проценти, вели Ивановски, нагласувајќи дека движечка сила на домашната економијата во наредниот период треба да биде бизнис секторот од иселеништвото.
„Тоа и ќе го намали учеството на странски инвеститори кои генерално доаѓаат овде заради повисоката стапка на принос која ја остваруваат отколку во матичните земји.“