Иванов ги поништи сите одлуки за помилување

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска донесе одлука за поништување и на преостанатите одлуки за помилување од 12 април, соопшти Кабинетот на претседателот.

„Изминаа десет дена откако донесов одлука за поништување на одлуките за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка за вкупно дваесет и двајца политички експонирани лица. Оттогаш, сите други лица, согласно законските измени, имаа можност да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување. Меѓутоа и покрај декларативните најави на дел од нив во јавноста дека ќе го сторат тоа, досега ниту еден од помилуваните не поднесе барање за поништување на одлуките за нивно помилување“, се вели во соопштението.

„Во овие десет дена бевме сведоци на различни толкувања на оваа одлука на поларизираната политичка сцена и обиди да се освојат ситни дневно - политички поени преку оваа одлука за која како и тогаш, така и сега сум уверен дека ќе придонесе за национално помирување и ќе понуди излез од политичката криза во Република Македонија. Поради ова, денеска донесов одлука да ги поништам и преостанатите одлуки за помилување кои ги донесов на 12 април.“

„На крајот, уште еднаш ќе потсетам дека за разлика од 12 април, денеска имаме нова реалност во Македонија. Во услови на надворешни закани и безбедносни ризици, имаме функционални институции, кои можат да се справат со предизвиците“, се наведува во соопштението.