MЕТАФИЗИКА НА ОЧАЈОТ
Моли го Бога да ти даде кревкост
да го доживееш очајот
Потоа
преколнувај го да ти даде сила
да не останеш во него
Ова е една од 43-те песни од првата поетска објава ,,Eгзистенцијалии“ или „Џебна философија во стихови“ на филозофот и педагог, универзитетски професор и колумнист Трајче Стојанов. Книгата е поделена на три циклуси: „Естетис“, ,„Поезис“ и „Ноезис“, а рецензентот Блаже Китанов забележува дека авторот „се определува да чекори по стрмни и тешки патеки, по оние вечни места низ кои со оружјето на зборот, на песната треба да се открива и реализираа смислата на љубењето, на творењето, на постоењето“. Тој дополнува дека неговата поетска синтакса „се одликува со слоевити метафори, мудри дијалози, фасцинантни слики и загатливи прашања упатени кон Бога, кон Другиот, кон себе си. Секој циклус има своја реторика и своја порака. И првиот и вториот и третиот циклус наликуваат на немирни лирски бранови кои еден во друг се прелеваат и слеваат во еден вид волшебно лирско езеро богато со емотивни и рефлексивни слоеви“.
А, Стојанов, пак, ќе рече дека самиот наслов на книгата реферира на еден од неговите омилени мислители, на еден од оние со кои философски се разбудил, данскиот егзистенцијалист, теолог и поет – Серен Оби Кјеркегор. Дополнува дека стихозбирката е во некоја рака благодарност до него и дека трите циклуси во неа реферираат, се однесуваат на трите животни стадиуми кои Кјеркегор ги детектира во животот на секој поединец – естетска, етичката и религиозна фаза.
„Стихозбирката во трите циклуси треба да покаже како се движи човековиот живот во тие три фази – од естетската, преку етичката до религиозната фаза со тоа што поглавјата кај мене се насловени сосема поинаку.“
Д-р Трајче Стојанов појаснува дека тој по професија е филозоф. Дека песните се пишувани во еден долг период од десеттина години. Вели дека себе си никогаш не се доживувал како поет и дека токму и од тие причини стихозбирката чекала толку време за да биде објавена.
„Поетското во мене е она што јас лично, онака несистематски, спорадично сум растел интелектуално со некои поетски величини од домашната и од светската сцена. Поети како Петре М. Андреевски, Радован Павловски... Рембо...Тоа се тие со кој емотивно и мисловно сум зреел и на тој начин поетското се рефлектирало во мене. “
Од друга страна, запрашан „чуму поезија во вакви скудни времиња“ тој вели дека токму тоа вистинското прашање. Но, истакнува дека самиот отсекогаш бил близок до мислата на Достоевски и на мнозина други учени дека „убавината ќе го спаси светот“. Потенцира дека секое време е вистинско време за поезија.
„На некој начин, можеби во одреден миг може да изгледа иронично, перверзно...кога времињата бараат општествен ангажман, вклученост во случувањата...но од друга страна, да не се пее во било кое време е лична трагедија, лична коб. Кога времето ќе го направи моментот да ја губите инспирацијата и желбата за пеење, за творење...е тогаш е лошо. Кога и во вакви времиња, во секакви времиња имате мотивација, инспирација, енергија...да пишувате, да пеете се уште сме на добар пат.“