На вечерашниот протест на Шарената револуција се соопштува, како што рекоа, бескомпромисниот план за излез од кризата, со цврсти рокови од кои нема да отстапеле. Пред протестот, никој од организаторите не открива што точно би содржел тој план и какви би биле тие рокови.
В понеделник соопштуваме бескомпромисен план за излез од кризата, со цврсти рокови од кои нема отстапувања. Ја повлекуваме црвената линија! Од понеделник одбројуваме! Кризата траеше доволно долго! В понеделник, граѓаните ќе кажат како ќе ја надминеме! Нема веќе да нè гледаат од шест, но ќе нè гледаат секој ден – сè посилни. Од 6 јуни веќе ништо нема да биде исто.Демијан Хаџи–Ангеловски, активист
„В понеделник соопштуваме бескомпромисен план за излез од кризата, со цврсти рокови од кои нема отстапувања. Ја повлекуваме црвената линија! Од понеделник одбројуваме! Кризата траеше доволно долго! В понеделник, граѓаните ќе кажат како ќе ја надминеме! Нема веќе да нè гледаат од шест, но ќе нè гледаат секој ден – сè посилни. Од 6 јуни веќе ништо нема да биде исто“, рече во саботата активистот Демијан Хаџи–Ангеловски.
Она што веројатно е извесно е дека протестите кои повеќе од 50 дена се случуваа секој ден во 18 часот ќе престанат.
„Нема веќе да нè гледаат од шест, но ќе нè гледаат секој ден – сè посилни“ најавија од Шарената револуција. Очекувањата се дека ќе се оди со друг вид акции, како на пример вчерашните две - бетонирањето на гласачката кутија пред Собранието како иронизирање на ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека датумот за избори е бетониран или, пак, истакнувањето на транспарентот на концертот на познатиот ди-џеј Дејвид Гета, на кој пишуваше „Државата гори, фикус се журка“.
Од СДСМ, пак, иако според некои најави денеска требаше да излезат со партиската стратегија, велат дека ќе го сторат деновиве, а вечер ќе имаат централен одбор на кој ќе ги разгледаат сите случувања. Од таму, во врска со протестите, нагласуваат дека континуирано ги поддржуваат. Од помалиот коалициски партнер, Либерално-демократската партија, излегоа со соопштение дека се приклучуваат на вечерашниот протест.
„Како конструктивна партија, која почива на принципите на демократијата, сметаме дека повикот и оправданоста за еден ваков масовен протест е фактичката состојба во државата, неоправдана и неправедна, во која власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја втурна Република Македонија“, наведоа од ЛДП.
Вечерашниот протест се случува и на годишнината од смртта на Мартин Нешкоски.
„Шести јуни е датум со силно значење за сите нас, датум со крв врежан во нашите сеќавања. Ден кога сите ние дознавме за свирепоста, бруталноста и способноста на власта да сокрие убиство на дете - Мартин Нешкоски. Пет години подоцна, на овој датум. граѓаните се на нозе за правда!“, наведоа од Шарената револуција.
Од движењето Протестирам уште на почетокот на протестите на 12 април, кога претседателот Ѓорге Иванов ја објави одлуката за аболиција, ги истакнаа своите барања, меѓу кои целосно повлекувања на помилувањата, оставка од шефот на државата, формирање на техничка влада и неколку други.