Додека државава ни е во длабока политичка криза, некој си работи „на случајот‟. Орце Камчев, младиот бизнисмен, порано близок до СДСМ, а веќе десетина години до владејачката партија, е најбогатиот Македонец со 22,8 милиони евра, објави престижниот Форбс, ја пренесува веста Дневник. Форбс објаснува дека Камчев е сопственик на Орка холдинг, косопственик на болницата Аџибадем Систина, сопственик на Стопанска банка Битола, на ЗИК Пелагонија, градежната фирма Бетон Штип, хотелот Ибис, на медиумската куќа МПМ и десетина други фирми.
На Владата по една година ѝ текна на итните реформи – Како ќе спроведува реформи Влада што е пред ‛спроведување‛?Слободен печат.
Што се однесува до актуелните политички теми, внимание на медиумите предизвика изјавата на Груевски дека „Државните институции се целосно фокусирани на реформските приоритети што ги најави премиерот Димитриев‟, како што објавува Утрински. Слободен печат, пак, насловува: „На Владата по една година ѝ текна на итните реформи – Како ќе спроведува реформи Влада што е пред ‛спроведување‛?‟
Утрински ја објавува изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на средбата со земјоделците, дека се можни „Демократски промени на регуларни избори‟, а Дневник од истата изјава го вади следново: „Заев бара избори во октомври – до есен можело да се исполнат условите на опозицијата‟.
„Пржино една година потоа – добитници и губитници – за партиите различно, за државата, тоа што договорот не се спроведе значи само дека состојбите се влошиле, оценуваат аналитичарите‟, објавува Нова Македонија.
Вечер, пак, го објавува третото продолжение: „Мегадосие – Како Канвас ја урива Македонија, а ние молчиме‟.
Протестите во Скопје и во повеќе други градови против делумното укинување на одлуката за аболиција на Иванов продолжуваат. „Скопје повторно обоено од Шарената револуција‟, оди со наслов Утрински. „Откако никој не ги дружи, малкутемина збеснаа – Шарените почнаа да работат и против себе; марионетите и платениците на СДСМ и на Сорос во следните неколку дена планираат целосен хаос на сообраќајот во Скопје и парализирање на клучните крстосници во Центар‟, и „Шарените се од штабот на СДСМ‟, заклучува Вечер откако пред некој ден беше приведен возачот на пикапот од протестите во кој полицијата пронајде реквизити и боја со која се шараат зградите и улиците во главниот град, а кој бил сопственост на СДСМ. Утрински објаснува дека блокадата на скопските улици е една од „Новите форми на притисок врз претседателот за аболицијата‟, а дека во меѓувреме „Иванов нема да биде отповикан, ама ќе биде ‛на тапет‛ во Собранието‟, објави исто така Утрински.
Претседателот, очигледно не е засегнат од ова, па од Софија порача дека „За помилувањата ќе постапувам согласно законот и Уставот‟ - објави Вечер, и „Очекувам сите да побараат повлекување на аболицијата‟ - објави Утрински. Криза, криза, ама жителите на Аеродром ќе „уживаат‟ во новиот парк, веќе наречен Рајска градина, што ќе им го гради Општината, а во кој ќе има скулптури на Венера Милоска, на Нептун, на лавови и грифони, се во стилот на антиката и барокот.