Обука на терористите и во Западен Балкан?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Во ЕУ лани над 200 обиди за терористички напади

Во ЕУ лани биле регистрирани над 200 успешни и неуспешни терористички напади, соопштија претставници на Европол. Според нив, и покрај широките акции на владите, насилниот верски екстремизам останува, како што се потенцира, врвна закана за безбедноста на ЕУ.

Европската унија во која живеат околу половина милијарда луѓе станува се почеста цел на терористите, оцени Мануел Наварете Паниаква, шеф на Центарот за антитероризам што е дел од европската полициска агенција Европол.

Тој ги запозна европаламентарците со делови од годишниот извештај за трендовите на тероризмот што ќе биде објавен во наредните недели.

Во минатата година биле регистрирани точно 211 извршени и неизвршени терористички напади во кои биле убиени над 150 луѓе, додека над 360 биле ранети.

За поврзаност или учество во нападите биле уапсени околу илјада луѓе. Најсмртоносните биле поврзани со џихадистите.

„Терористичките ќелии што се подготвени да извршат терористички напади во Европската унија се претежно домашни и локални, но ние сме свесни за нивната поврзаност со таканаречената Исламска држава“, изјави Паниаква.

Обуката и средствата за извршување на нападите што ги добиваат во Сирија, Ирак и Либија ги прават терористите да стануваат многу поопасни. Постојат сомневања оти обука се вршела и во други региони како например во некои земји од Западен Балкан.

Мануел Наварете Паниаква, чеф на Центарот за антитероризам

Според него, и осамените напаѓачи и странските борци, односно европејците кои патуваат во Сирија и Ирак за да се борат заедно со екстремистичките групи како што е Исламската држава претставуваат сериозна закана.

„Обуката и средствата за извршување на нападите што ги добиваат во Сирија, Ирак и Либија ги прават терористите да стануваат многу поопасни“, вели тој додавајќи дека постојат сомневања оти обука се вршела и во други региони како например во некои земји од Западен Балкан.

Европол ги следи активностите и на другите терористички групи. Според податоците, во минатата година биле уапсени 168 лица поврзани со националистичка или сеператистичка дејност.

Од друга страна, левичарските и анархистички напади биле на најниско ниво од 2006 година. За таква активност биле уапсени 67 лица во шест земји членки на Европската унија.

Десничарските екстремисти пак, ги засилиле своите активности, како резултат на зголемувањето на антиимиграциското и антиисламското расположение.

Во принцип, најновите терористички напади во Европската унија, според Мануел Наварете Паниаква укажуваат на многу подобра координација меѓу терористите отколку што ја имале во минатото.

Европол во минатата недела предупреди дека постои зголемен ризик странските терористички борци да го искористат бранот бегалци за да стигнат во Европа.

Во извештајот се проценува дека шверцерите на мигранти во минатата година оствариле приход од шест милијарди долари. Исто така се наведува дека уште неколку стотици илјади луѓе ќе се обидат во оваа година да влезат во Унијата.