Со сета морална и материјална одговорност тврдам дека единствениот приход кој го имам изминативе години е приходот од платата која што ја добивам. Единствениот начин на кој што заработувам е преку платата која што ја добивав. Не постојат никакви екстра приходи, сомнителни трансакции или приливи какви што сака да измисли СДСМ, се вели во соопштението кое го испрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Претходно, портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, одржа прес-конференција на која, рече дека поранешниот премиер Никола Груевски се богател за по 10 илјади евра месечно и за една година заштедил скоро 120 илјади евра. Шилегов ги покажа анкетните листови на Груевски од 2014 и 2015 година и рече дека токму збогатувањето е причината за криењето на анкетните листови.
Груевски реагира дека е целосна лага тоа дека анкетните листови биле сокриени.
„Денешната прес конференција на СДСМ е уште еден доказ за сè што говоревме изминатиов период, односно дека очајот во партијата е зголемен до таа мера што единствениот излез го гледаат во уште пожестоко деструктивно однесување преку ширење на лаги и манипулации.Сосема јасно и сосема очекувано е СДСМ во недостиг на проекти кои би ги промовирале во полза на граѓаните, да се свртат кон лично валкање и девалвирање на политичките противници, во обид да креираат слика дека наводно „сите се исти“. Не сме сите исти. Настапот на СДСМ е уште една голема лага, со која партијата се обидува да ги доведе во заблуда граѓаните“, реагира преку соопштение Груевски.