Обновена редовната авиолинија Скопје - Прага

Авиокомпанијата „Чех ерлајнс“ денеска ја обнови редовната линија Скопје – Прага којашто беше укината пред четири години.

Компанијата најави дека од 1 јули до 9 септември оваа година ќе реализира чартар летови за „АСА тур“ и за други локални оператори меѓу Скопје и Хераклион на Крит. Таа активност ќе се реализира поврзано со летовите Скопје – Прага.

Првиот лет од Прага беше пречекан ноќеска со традиционален поздрав со воден мост на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, по што во три часот изутрина авионот полета за Прага.

„Чех ерлајнс“ ќе лета до Прага од Скопје секој понеделник и петок во 3:30 часот наутро. Од 29-ти следниот месец авиокомпанијата ќе опслужува уште еден термин на таа рута, во среда во 4:10 наутро.

Повратните летови ќе се реализираат од Прага секој четврток и недела навечер во 22:25 по локално време со пристигнување во Скопје на полноќ.

Од 28 јуни превозникот ќе додаде повратен термин со полетување од Прага во 22:25 часот и во вторник.

Цената на билетите во еден правец од Скопје до Прага почнува од 75 евра, а на повратните 144 евра со сите вклучени такси.