Не може да има селективно поништување на аболицијата, таа мора да биде целосно поништена - ова го рече претседателот на СДСМ Зоран Заев како реакција на измените на законот за помилувања поднесени од ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ нагласувајќи дека одлуката за таков предлог била еднострана на партиите од владејачката коалиција.
Процесот мора да заврши, криминалците да одговараат пред законот, законот да важи подеднакво за сите, фер, регуларни и демократски избори мора да се спроведат во Македонија.Зоран Заев, СДСМ,
Пратениците од опозицијата не присуствуваа на седницата на Собранието на која прва точка на дневниот ред беше токму тој предлог.
„Со овој предлог закон кој што го пуштаат во Собранието едниот член е неуставен поради ретроактивноста и тој кога тогаш ќе биде укинат од Уставниот суд и е спас за аболираните криминалци, а вториот член покажува дека само неколкумина би поднеле барања до Ѓорге Иванов за да им биде поништена аболицијата. Тоа не е ниту правда, ниту правичност, законот треба да важи подеднакво за сите“, рече Заев.
Талат Џафери од ДУИ кој заедно со Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ се подносители на измените, пак, вели дека иницијативата на владејачката коалиција е единствениот излезен пат за надминување на кризата која ја предизвика одлуката на Иванов.
„Иницијативата што ја поднесовме се измени и дополнувања на законот за помилувања со која се предвидува можноста Иванов да ја повлече одлуката по сопствена иницијатива или по барање на засегнатите лица имајќи предвид дека претходно немало таква законска можност и во тој контекст се дава можност да има законска основа за повлекување на истата“, вели Џафери.
Претходно и СДСМ поднесе иницијатива до Собранието за автентично толкување на законот за помилување, конкретно на членот 11, за кој велат дека веќе не постоел и бил укинат со измените од 2009 година. Врз основа на тоа, тврдат од партијата, и решенијата донесени од страна на Иванов всушност морало да се поништат.
Во врска со разрешувањето на кадрите на СДСМ од министерските и заменички позиции Заев вели дека една од најзначајните одредби од Договорот од Пржино - организација на Влада за спроведување на изборите била укината со како што нагласува едностраната одлука на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
„Заради тоа пржинскиот договор е погребан, тоа е нашиот став. Досега не постоеше ниту законска, ниту уставна можност Зоран Заев, СДСМ и опозицијата да продолжи со објавувањето на бомбите. Ако тоа биде потребно ние тоа и ќе го направиме. Секако процесот мора да заврши, криминалците да одговараат пред законот, законот да важи подеднакво за сите, фер, регуларни и демократски избори мора да се спроведат во Македонија“, рече Заев.
Според него не би било чудно ако и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски повторно се врател на премиерската функција, но и тоа би било како што вели еднострана одлука која самите понатаму би си ја погазиле.