Избори нема, но што сега?

Сè што беше договорено и спроведувано од пржинскиот договор пропадна во вода, но и нов договор би имала кратка трајност со истите актери, велат аналитичарите. Потреба е нова влада, но без партиски припадници.

Правците од Договорот од Пржино се искривија, земјата е вратена месеци наназад. Чекорите на власта укажуваат дека кризата може да се продлабочи, оценуваат аналитичарите по синоќешната одлука на Собранието да ги врати старите министри од ВМРО-ДПМНЕ, да ги уважи оставките на тие од СДСМ и да ги откаже изборите на 5 јуни.

Не верувам дека е потребен нов политички договор, затоа што и новиот политички договор со овие актери исто ќе потрае.
Алајдин Демири, политички аналитичар.

Сè што беше договорено и спроведувано од пржинскиот договор пропадна во вода, вели политикологот Митко Гаџовски. Според него со одлуките за министрите е направен удар врз забелешките на Прибе кои се содржат и во Договорот од Пржино, а тоа е многу изгубено време. Прочистување на избирачкиот список, уредување на медиумската сфера и одвојување на партијата од државата се правците според кои треба да се постигнат кредибилни избори и тие се јасно и прецизно договорени, но останува уште многу работа, вели Гаџовски.

„Дали ќе се формираат некои тела кои ќе продолжат со преговори или ќе има некое продолжение од Договорот од Пржино или ќе се прави некој нов договор – не знам, меѓутоа овие одредби коишто претходно беа утврдени мислам дека ќе важат и во наредниот период. Исто така аспект кој не може да се помине е повлекувањето на аболицијата на претседателот. Без тоа нема да може да се реализираат фер и демократски избори“, вели Гаџовски.

Тој очекува дипломатскиот притисок дополнително да се зголемува и тоа преку учество на дипломати со политички габарит, оти правците што беа зацртани со пржинскиот договор се искривени.

Аналитичарот Алајдин Демири пак смета дека и покрај дипломатскиот притисок тврдоглавоста на владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е огромна.

„Не верувам дека е потребен нов политички договор, затоа што и новиот политички договор со овие актери исто ќе потрае. “

Неизбежна е нова техничка влада, но во поинаков состав, односно без учество на партиски припадници, заклучуваат аналитичарите.

„Техничка влада составена од експерти би била најдобрата варијанта, затоа што и до сега имавме еден вид техничка влада која не вроди со некакви ефекти, напротив препирките меѓу министрите и замениците министри беа се поголеми, а беа инспирирани од политички цели.“

И Демири вели дека досегашната техничка влада само довела до подвоени институции, но се сомнева дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе дозволат да се направи непартиска влада. Тој смета дека кризата ќе се продлабочува и вели дека СДСМ треба да го искористи сиот арсенал во следниот период. Демири вели дека домашните институции се способни да оценат дали има услови за фер избори.

„Оваа криза покажа дека институциите се партиски и тешко дека некоја од нив ќе укаже што всушност се случува во земјата и останува на власта да ни каже кои услови ги исполнуваат и како ги исполнуваат, во крајна инстанца ако има некое ќоше непартизирано, да го испартизираат до крај. И тука имаме мрак, тоа е целата на оваа власт. Така што нема кој да ни укаже, останува улицата да ни каже колку и како се усполнуваат условите“, вели Демири.