Турската владејачка Партија на правдата и развојот се соочува со тест за нејзиното единство откако премиерот Ахмет Давутоглу објави дека се повлекува од функцијата, а во парламентот се најде иницијативата за укинување на имунитетот на пратениците кои се соочуваат со судско гонење.
Во врска со оваа измена во претходните дебати дојде и до тепачки во парламентот меѓу членови на владејачката партија и прокурдската опозиција, која вели дека легислативата е дизајнирана против нивните пратеници.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги повика прокурдските пратеници да се соочат со судско гонење, обвинувајќи ги за врски со забранетата Курдистанска работничка партија, милитантна група која водеше три децениски бунт главно во југоисточниот курдски дел на Турција.
Демократската народна партија е третата по големина партија во парламентот и негира директни врски со милитантната Работничка партија.
Укинувањето имунитети со ваква структура ќе доведе до државен удар и до диктаторски режим. Ова ќе биде потврда на кршењето на Уставот.
Селахатин Демирташ, лидер на Демократската народна партија
До гласањето доаѓа по две недели откако премиерот Давутоглу изјави дека ќе ја напушти функцијата на конгресот на Партијата на правдата и развојот, закажан на 22 мај по повеќето јавни несогласувања со Ердоган.
Тоа ги разгоре шпекулациите за поделби во партијата. Давутоглу кој го наследи Ердоган на чело партијата се очекуваше да биде голем негов сојузник.
„Со божја волја ние ќе го укинеме имунитетот в петок“, рече пратеникот на владејачката партија Булент Туран кој додава дека ако не се случи тоа тогаш неговата партија е решена и да одржи референдум за ова прашање.
Некои предвидуваат дека извесен број владејачки пратеници ќе гласаат против измените на уставот.
„Укинувањето имунитети со ваква структура ќе доведе до државен удар и до диктаторски режим. Ова ќе биде потврда на кршењето на Уставот“, изјави лидерот на прокурдската Демократска народна партија Селахатин Демирташ пред членовите на неговата партија.
Освен Демирташ кривична пиостапка се води и против другиот партиски лидер Фиген Јиксекдаг.
Со овој закон се отстранува имунитетот на пратениците, кои во моментов се соочуваат со истрага.
Станува збор за 138 пратеници, од кои стотина се од Демократската народна партија и од другите опозициски партии.
Турските пратеници имаат имунитет од судско гонење додека се на функција.
Полицијата може да води „досиеја“ против политичарите, што можат да доведат до судски процес, но само откако тие ќе престанат да бидат пратеници во турскиот парламент.