Шарената револуција против избори на 5 јуни, боја за Собранието и МНР

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Шарената револуција ги обои МНР и Собранието, Владата куртули

Демонстрантите со импровизиран катапулт фрлаа топки со боја врз зградата на Собранието, а го обоија и МНР.

Во рамките на денешните протести, чиј фокус беше барањето за итно поништување на одлуката за одржување избори на 5 јуни и итно поништување на одлуката за аболиција на оние против кои е покренато обвинение од страна на СЈО, демонстрантите со импровизиран катапулт фрлаа топки со боја врз зградата на Собранието.

На улицата пред парламентот беше напишано со боја „Не можете да ја избришете шарената револуција“. Потоа насобраните граѓани се упатија кон Министерството за надворешни работи, каде што исто така беше фрлена боја кон зградата. Протестот заврши пред Владата, каде што беа извикувани пароли против владата и претседателот Ѓорге Иванов. Кон зградата беа упатени неколку балони со боја од катапулт, од кои еден ја погоди целта.

Во најавата за денешниот протест, кој традиционално започна пред зградата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), на социјалните мрежи граѓанското движење Протестирам бараше заштита на СЈО и гаранција дека оваа институција ќе продолжи да работи без никакви пречки и во интерес на правдата во Македонија. „Уставниот суд итно да се произнесе за уставноста на СЈО и да се овозможи криминалците да бидат соодветно казнети. За Македонија ќе се разговара и преговара во Скопје, а во решавањето на кризата мора да бидат вклучени и независни претставници на граѓанското општество; бараме оставка од Иванов, формирање специјално одделение на Кривичниот суд надлежно за случаите на СЈО и формирање преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе“ стоеше во најавата за протестот.

Веќе речиси еден месец се одржуваат протести во Скопје и во други градови во Македонија, на кои се бараат итно повлекување на одлуката за аболиција, итна и неотповиклива оставка на претседателот Ѓорге Иванов, како и да се повлече одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни.