Петтемина обвинети во случајот „Ќелија“, кои се осомничени дека учествувале во странски војски или паравоени формации, исто како и останатите шестмина обвинети, ја признаа вината на денешното рочиште во скопскиот Кривичен суд.
Иса Фуга, Абдула Абдулахи, Мухамед Имери, Ерол Рустеми и Стефан Стефановски при изјаснувањето рекоа дека доброволно ја признаваат вината и оти се свесни за последиците.
Обвинителот Владимир Милошевски побара обвинетите да се прогласат за виновни согласно законските одредби, додека пак адвокатите побараа судијата да ги земе предвид сите олеснителни околности и да им изрече поблаги казни.
При оценувањето на обвинителниот акт вината ја признаа и Оџата Реџеп Мемиши, Ахмет Дарлишта, Сејфула Етемовски, Ресуљ Саити, Фазљи Суља и Мухамед Шеху. Тие беа осудени на минимални затворски казни од пет до седум години.
Според обвинението, осомничеите во „Ќелија“ дејствијата ги започнале во октомври 2014 година.
„Има три категории на дела кои ги им се ставаат на товар на осомничените. Прво, регрутирање лица во странски војски или паравоени формации, второ, собирање финансиски средства и материјална помош за поддршка на лицата кои ќе се приклучат во странска војска или паравоена формација, обезбедување на нивното патување, обука и учество во странската војска и трета категорија на дела – учество во странска војска“, вели обвинителот Владимир Милошевски.
Судот во среда треба да ги изрече казните за петмината обвинети во сучајот „Ќелија“.