Заради настаната состојба ќе почнеме поинаку, ќе бидеме повеќе на терен и во лични контакти со граѓаните, одговара портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Иво Котевски на прашањето дали од денеска ќе почнат со реклами и митинзи со оглед на тоа дека стартува изборната кампања.
Одржувањето на еднопартиски избори ќе биде уште еден чекор на оддалечување од Договорот од Пржино и колку и да постојат изјави дека потоа би можело се да се врати во ред мислам дека тоа ќе станува се потешко.Сашо Клековски, политички аналитичар.
Според роковникот за извршување на изборни дејствија за изборите закажани на петти јуни таа почнува од денеска и ќе трае до 3-ти јуни на полноќ. Предвидува јавно собирање, јавни настани, истакнување плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и други активности.
За СДСМ, кои како и другите две поголеми партии потписнички на Договорот од Пржино ДУИ и ДПА не одат на избори, ова е како што велат, фарса и лакрдија на ВМРО-ДПМНЕ. Партискиот портпарол Петре Шилегов вели дека целта на владејачката партија со одлуката да одат сами на избори била да се прикаже нормалност, но тоа не одело никому во прилог.
„Она што за нас како СДСМ е примарен интерес и се поклопува со примарниот интерес на граѓаните на Република Македонија, е да се надмине оваа политичка криза а тоа може да се случи исклучиво со два чина – свикување на Собранието на Република Македонија и поништување на одлуката за предвремени избори на петти јуни и повлекување на криминалната аболиција донесена од страна на Ѓорге Иванов“, вели Шилегов кој смета дека изборите на петти јуни ќе бидат само продлабочување на кризата.
Во меѓувреме претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во интервју за агенцијата Франс Пресс рече дека по овие избори е подготвен за уште едни, нагласувајќи дека Уставот не дозволувал одлагање на изборите, а дека неговата партија сака заслужена победа.
Според аналитичарот Сашо Клековски одењето на една партија на избори без другите главни политички партии не може да биде решение на политичката криза и заедно со одолговлекувањето на правната и политичката разврска ова е, како што вели, едно од најлошите можни решенија за Македонија.
„Ова го велам без разлика дали по изборите на петти јуни би се организирале нови избори бидејќи мислам дека одржувањето на еднопартиски избори ќе биде уште еден чекор на оддалечување од Договорот од Пржино и колку и да постојат изјави дека потоа би можело се да се врати во ред мислам дека тоа ќе станува се потешко“, вели Клековски.
Тој додава дека немало логика сега да се одржат избори и по неколку месеци нови ако постојат правни механизми за одложување на овие избори, сугерирајќи дека периодов партиите треба да се фокусираат на начините за одложување.