Шарената револуција го обои Собранието

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Демонстрантите со чатал од кој фрлаа бои го обоија и Собранието со боите на Шарената револуција. Пред Собранието преку транспаренти тие побараа негово заседавање.

Со транспарени на кои пишуваше „Собрание, собери се“ илјадници граѓани и вечерва учествуваа на протестниот собир на движењето Протестирам во Скопје. Откако дојдоа пред Собранието на Македонија и ја испишаа пораката „Ма какво распуштање, нема опуштање“, демонстрантите со чатал од кој фрлаа бои го обоија и Собранието со боите на Шарената револуција. Учесниците на денешните протести пред Собранието преку транспаренти и скандидарања побараа негово заседавање. Пред Собранието на озвучување се пуштаа и снимките од прислушуваните материјали кои се однесуваат на изборни нерегуларности. На улицата испишаа: „Ма какво распуштање“.

На говорница застанаа студентот Борјан Ѓузелов, професорот Гордан Kалајџиев и Едмонд Адеми од СДСМ. Следна дестинација беше МНР, од каде со запалени бакљи граѓаните тргнаа кон Владата, поминаа преку подвозникот и не ги заобиколија ниту лавовите на мостот „Гоце Делчев“ од кои едниот повторно беше обоен со боите на Шарената револуција.

Шарената Револуција го обои со своите препознатливи бои и мостот пред зградата на МНР.

Граѓаните кои излегуваат секој ден вообичаено протестот го започнаа пред СЈО, од каде го започнаа маршот кон Собранието на Македонија. И пред зградата на СЈО со ваљаци со боја дел од граѓаните на улицата го испишаа мотото на вечерашниот протестот „Собрание собери се“.

Додека маршираа кон Парламентот, демонстрантите скандираа „Нема правда нема мир“.

„Протестирам“ со вечерашниот протест го потсети Собранието дека Државната изборна комисија констатирала дека нема услови за фер избори. Како што велат од граѓанското движење „Протестирам“ тоа што сите ние го знаевме, брзите прсти на пратениците послушници го изигнорирале и го распуштиле Собранието.

Последната дестинација на Шарената револуција беше Владата.Демонстрантите на булеварот напишаа „Владо мори душманке“.

Протести за денеска во исто време освен во Скопјер беа закажани и во Кочани, Крива Паланка и Битола.


Инаку пред протестите во Скопје претходно сопственикот на едно кафуле на својот Фејсбук профил објави фотографија од влезната врата на објектот на која утрово имало боја, фрлена во текот на ноќта. Тој е еден од поддржувачите на Шарената револуција и редовно може да се види на протестите каде демонстрантите бојат објекти во јавна сопственост. Тој напиша дека ова нема да го поколеба, туку е дополнителен поттик за учество на протестите.

Протестите на Шарената револуција продолжуваат в понеделник.