Многу неодговорени прашања и една година по кумановските настани

Ниту еден од обвинетите не негираше дека учествувал во жестоката престрелка во Куманово, но велат дека тоа не било тероризам. Сметаат дека биле искористени за нечии политички цели.

„Се сеќавам на зборовите на Мирсад Ндрецај дека ние ќе бидеме фигури и ако дојде полицијата нема да ги нападнеме, туку само ќе пукаме во воздух и сега ние знаме дека бевме искористени за нечии политички цели“. Вака еден од обвинетите, Насуф Бекири, пред Судот раскажуваше зошто на 9 и 10 мај се криеле во кумановското Диво Насеље.

Ме прашувате за тероризам, каде загина зетот мој, нема тероризам, само платено убиство за пари.
Славко Кировски, роднина на загинатиот полицаец Жарко Кумановски.

Ниту еден од обвинетите не негираше дека учествувал во жестоката дводневна престрелка во која загинаа осум полицајци, а 42 беа ранети. Тие на почетокот на судскиот процес во краткото излагање тврдеа дека нивното дело не е тероризам. Ниту роднините на загинатите полицајци не се сигурни во тврдењето на обвинителството дека станува збор за тероризам.

„Ме прашувате за тероризам, каде загина зетот мој, нема тероризам, само платено убиство за пари“, вели Славко Кировски роднина на загинатиот полицаец Живко Кузмановски.

И по една година од овој настан останаа неодговорени прашањата што навистина се случи во оваа кумановска населба. При престрелката загинаа најмалку 10 припадници на вооружената група, а уште 29 беа приведени. За преживеаните се води судска постапка во која одговараат за припадност на терористичка организација и за тероризам.

РСЕ тој ден беше на терен и разговараше со луѓетодите кои живеат во близина на куќите од каде што се слушаа пукотниците. Утрото околу 5 часот ги разбудиле истрели од автоматско оружје и хеликоптери.

„До сега пукаа од сите страни, нема излегување нема ништо, ни рекоа да ги затвориме капиите.“

„Се пукаше, имаше јаки детонации од пет саат утрово, накратко престанаа и пак почнаа, ние пиевме кафе од сабајле, јас сум Албанец, а овие комшии се Македонци.“

„Се знае монтажа, Мијалкова монатажа е ова, Никола Груевски сака да прави монтажа за Албанците, ама не бива ова вака“, рекоа тогаш дел од запрашаните кумановци.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

РСЕ во кумановската Дива Населба

Неколку полицајци загинале уште во првиот час од престрелката, но информациите за нивната смрт беа објавени дури вечерта. Населението беше евакуирано во текот на попладневните часови, сликата од градот наликуваше на оние од воените зони, над населбата се дигаше црн чад, се забележуваат хеликоптери а тишината ја прекинуваше зуење од беспилотно летало и повремени рафални истрели.

На последниот протест пред МРТВ Благоја Ѓорѓиев кој остана инвалид по конфликтот во 2001-ва година ги потсети своите колеги кои го обезбедува протестот дека загинатите полицајци животот го дале за да го заштитат народот, а не неколкумината на власт.

„Дали ги заборавивте тие луѓе, со нив јадевте и делевте по една конзерва, со нив рамо до рамо се боревте да го заштитите овој народ, да нема немири во Македонија, а не да ја штитите фамилијата на власт.“

По истрагата која ја водеше полицијата, а потоа и Јавното обвинителство се посочи дека на крвавите кумановски настани, некаде во втората половина на април лани, и претходел упад на терористите од Косово на македонска територија и освојување на граничната караула „Гошинце“, од каде заминале со воена опрема, оружје и муниција.

За обвинителството овие настани се тероризам, додека за одбраната станува збор за дефокусирање на јавноста од опозициските бомби кои во тој период беа во полн ек.

На само два дена по овие настани, си дадоа оставка тројца високи функционери, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски и директорот на УБК Сашо Мијалов. Причините за таквиот потег детално не и ги образложија на јавноста, својата оставка ја поврзаа со опозициските бомби, но во јавноста се отвори сомнеж за нивна инволвираност во немилите настани.