Бизнисмените бараат автопат од Битола за Кичево

Бизнисмените од Битола и од Кичево бараат изградба на автопат меѓу овие два града. Велат дека патната инфраструктира е исклучително важна за развој на бизнисот, а сегашниот магистрален пат е многу лош. Со ваков автопат Битола ќе се поврзе и со Полошката котлина, ќе биде добро поврзана и со Дебар, Гостивар и со Тетово.

Регионалните стопански комори на Битола и Кичево бараат изградба на автопат што ќе ги поврзува двете општини. Стопанствениците се убедени дека добрата патна инфраструктура е предуслов за развој на стопанството, особено во услови кога стопанските субјекти од регионот пројавуваат иницијативи за соработка и заеднички настап на саеми во опкружувањето или на странски пазари.

„Го поставуваме прашањето за патната инфраструктура која е многу значајна за регионот Битола – Кичево. Патот е многу лош, а и апсурдно е кога сега се гради 200-километарски автопат, само за 60 километри останува оваа стара делница. Размислуваме како да се повлечат средства или да влезе во програма да се направи автопат кој ќе придонесе за подобрување на бизнис климата со Полошкиот плански регион, односно Кичево, Дебар, Гостивар“, вели Мирко Велковски, претседател на Регионалната стопанска комора на Битола.

Во последно време се интензивираат средбите меѓу битолските и кичевските стопанственици со цел ревитализирање на стопанството во внатрешноста на Македонија. Во Кичево има 2500, а во Битола двојно поголем број на стопански субјекти. Од нив најмалку стотина соработуваат меѓу себе.

„Со средбите на бизнисмените веќе се претставуваат компаниите, поблиску се запознаваат и со создавањето на меѓусебна доверба, започнуваат заеднички бизниси. Планот е сите компании кои ќе најдат интерес заеднички да настапуваат и да се надополнуваат, зашто зборуваме за период во кој сè уште немаме некои многу големи изградени компании, а секогаш некој може некому да помогне или да го надополни во некоја сфера“, вели Игор Соколевски од Регионалната стопанска комора на Кичево.

Сегашниот магистрален пат кој ги поврзува Битола со Кичево е со две ленти, многу кривини, дупки, минува низ населени места и има ред други слабости. Во последните години на овој патен правец кај демирхисарско се имаат случено неколку сообраќајни несреќи, се превртуваа и автобуси, па имаше повредени патници. Додека од Битола за Кичево останува стариот пат, се гради автопат кој ќе ги поврзува Кичево и Охрид.

Битола, иако е најголемиот центар во југозападна Македонија нема автопатско поврзување. Патот кон Грција е стар со децении, битолчани за да се приклучат на автопатот кој води за Скопје патуваат преку Плетвар, кој на делови е проширен, но и тоа е малку во однос на потребите. Светла точка е започнатата реконструкција на патот за Ресен кој ќе значи и подобра сообраќајна врска со Охрид.