Портпаролот на министерството за надворешни работи во Берлин, Мартин Шефер денеска изјави дека изборот на актуелниот германски амбасадор во Виена за специјален претставник на Германија во Македонија ја одразува посветеноста на Федералната влада во Берлин за напредокот на Западниот Балкан.
„Внатрешната политичка ситуација во Македонија е причина за загриженост во Германската федерална влада. Затоа министерот за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер одлучи да именува личен пратеник за состојбите во Македонија при што од амбасадорот Јоханес Хајндл побара да ја преземе оваа функција. Амбасадорот Хајндл од сега ќе работи заедно со Европската комисија, САД и со други партнери и ќе дава поддршка во нивната медијација за надминнување на политичката криза“, изјави денеска Шефер во Берлин.
Според Шефер, овој потег ја одразува посветеноста на Федералната влада во Берлин на напредокот на Западниот Балкан. Таа се однесува и на европските перспективи за сите земји од Западниот Балкан, како и во поглед на интеграцијата на Евро - атланските структури.
Амбасадорот Хајндл, кој лани бил именуван за амабсадор во Виена и сеуште ја врши оваа функција, денеска е именуван за специјален пратеник на Германија во Македонија. Германските власти денеска не најавија дека Хајндл ќе се повлече од позицијата амбасадор во Австрија.