Крпач бил сведок на СЈО

Од Специјалното јавно обвинителство денеска ги демантираа наводите во некои медиуми дека правеле било каков притисок врз Коста Крпач, кој вчера беше пронајден мртов во стан во Капиштец со прострелна рана во градите.

„Ве известуваме дека лицето Коста Крпач доброволно се јави во ова Јавно обвинителство и истиот имаше својство на сведок во рамки на една предистражна постапка“.

Од Специјалното јавно обвинителството наведуваат дека поседуваат докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓал Крпач, но со оглед дека се работи за исклучително доверливи информации, истакнуваат дека истите нема да бидат соопштени на јавноста во овој момент.

„Во оваа прилика сакаме да појасниме и дека пред ова Јавно обвинителство никогаш не била водена кривична постапка против сега покојниот Коста Крпач и истиот никогаш немал својство на осомничено лице“.

Од тие причини, како што наведуваат од СЈО за нив е нејасна одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов да го помилува Крпач и се уште чекаат одговор на поднесеното барање за достава на податоци од каде му се информациите на претседателот дека наводно против ова лице се водела кривична постапка.

Од СЈО апелираат и до медиумите да се воздржат од објавувањето на тенденциозни натписи и непроверени информации. Крпач, кој е сопственик на фирмата Финзи што го поседува веб порталот Нетпрес е на списокот на помилувани лица од претседателот Ѓорѓе Иванов заедно со Владислав Стајковиќ и Христијан Панев.