Од минатата недела, од кога пропадна обидот на европските политичари за седнување на маса на македонските партиски лидери во Виена, речиси никој не споменува нова средба. Од друга страна, пак, вестите се полни со речиси секојдневните протести и контра-протести. Така наречената Шарена револуција останува на улиците, а и по некој нов споменик или зграда добиваат различни бои, а вторите провладини протести во организација на ГДОМ се одржуваат повремено во градови низ земјава.
Втор чекор, кој исто така оди во прилог на целосно разрешување на состојбите е формирање на техничка влада, но техничка влада во вистинска смисла, а не претставена од партиски предложени министри.Насер Зибери, поранешен пратеник
Ваквата ситуација на улиците трае речиси две недели од кога претседателот Ѓорге Иванов ја објави аболицијата.
Сега, според експертите, единственото и прво решение што треба да се преземе е претседателот да ја повлече одлуката со што ќе се постигнат две работи - ќе се отвори можност за враќање на опозицијата во преговорите и ќе се потсмират тензиите на улиците оти тоа е едно од барањата и на СДСМ и на движењето Протестирам. Сегашната статус кво ситуација повеќе личи како игра на нерви кој прв ќе попушти и дали ќе се седне на маса пред повлекувањето на одлуката на Иванов или по неа, коментира аналитичарот Насер Зибери, кој е убеден дека до тоа ќе дојде како прв чекор за смирување на состојбите.
„Втор чекор, кој исто така оди во прилог на целосно разрешување на состојбите е формирање на техничка влада, но техничка влада во вистинска смисла, а не претставена од партиски предложени министри, туку од лица кои не се директно инволвирани во партиските структури и кои ќе имаат точно определен мандат за тоа како и кога ќе се организираат изборите“, вели Зибери.
Сугестиите за смирување на ситуација подразбираат и неминовно одложување на изборите, а како што јавија минатата недела некои медиуми, повикувајќи се на извори од ВМРО ДПМНЕ, отворена била можноста за т.н. техничка влада и кај нив, но под услов таа да немала мандат за решавање на спорот за името.
И со овој чекор всушност би се одело кон намалување на интензитетот на антивладините протести, бидејќи едно од барањата на движењето Протестирам е формирање на преодна влада која докрај ќе ги спроведе итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.
„Сега засега никој, ама баш никој од засегнатите не им посветува внимание на луѓето кои протестираат, но тоа на долг рок не е одржлива ситуација, затоа што не можете да имате 20 илјади луѓе на улиците на Скопје и по другите градови низ Македонија и да се однесувате како ништо да не се случува. Тоа може да потрае уште некој период, меѓутоа потоа ќе се променат многу работи, особено кога луѓето што протестираат ќе видат дека нивната активност не вродува со плод, никој нема да остави оваа ситуација да продолжи до недоглед, оваа е неодржливо“, вели професор Никола Дујовски.
Според него, иако претставниците на меѓународната заедница јавно периодов молчат за повторна средба на лидерите, зад сцената се одвиваат консултации за тоа како да се надмине кризата на мирен начин.