Иванов не ја повлекува одлуката за аболиција

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов попладнево соопшти дека останува на одлуката за аболиција.

Како што соопшти во обраќањето, причината за неповлекувањето на таа одлука, бил државниот интерес на Македонија.

„Повторувам, секој оној кој смета дека сум му одземал право, сторил лоша услуга или својата невиност сака да ја докаже на суд, го повикувам лично во писмена форма да поднесе барање за поништуавње на одлуката која се однесува на него“, рече Иванов.

Македонскиот претседател објасни дека кога ќе ги добие таквите барања ќе повика правни експерти кои ќе понудат можно правно решение.

„Констатирам дека партиите и нивните поддржувачи ги користат институциите како средство за пресметка. Судовите се под притисок при постапувањето по предметите, безбедносните институции се парализирани со нарушен систем на команда и висок е ризикот да не можат да одговорат на заканите со кои се соочуваме. СЈО има потреба од време за квалитетни вршење на истраги“, оцени Ѓорѓе Иванов.

Претседателот Иванов ги повика претставниците на меѓународната заедница да внимаваат на своето однесување и активности, бидејќи, како што рече, би можело да бидат погрешно разбрани.