Заев: Иванов ја укина правната држава

Лидерот на СДСМ Зоран Заев вечерва на прес - конференција изјави дека со последната одлука претседателот Ѓорѓе Иванов го заокружил државниот удар во Македонија. Заев истакна дека со одлуката да се аболицираат сите политичари, Иванов станува директен соучесник во злосторничкото здружување. Тој посочи и дека со ваквата одлука денеска е укината правната држава и е погребан договорот од Пржино.

„Бараме заштитникот на криминалот Ѓорѓе Иванов веднаш да поднесе оставка. Собранието да биде свикано и да се покрене постапка за отповикување на претседателот. Јас Зоран Заев на чело ќе ги предводам граѓаните во битката, на протести, по улици, низ градови и села“, изјави тој.

Заев рече дека ниту бара, ниту прифаќа амнестија за него. Тој рече дека не се сите криминалци, а конкретно претседателот, има судир на интереси бидејќи случајот Титаник на СЈО токму докажува дека тој е избран на криминални избори.