Наместо подобрување на демократските процеси после низа годишни критички извештаи во Македонија состојбите одат во спротивна насока и прашање е до кога граѓаните ќе молчат, вели Лидија Димова од СДСМ, по објавениот извештај на Фридом Хаус, во кој Македонија се оценува како најчист пример на Балканот за државна контрола на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, која со одолговлекување на Договорот од Пржино повторна сака да биде на власт.
Проблемот е што овие извештаи не се земаат сериозно и во општеството и од институциите. Се третираат како лична или поединечна перцепција или како пропаганда, така што извештајот нема да предизвика поголема промена.Бојан Маричиќ, Македонски центар за европско образование
„Сите и понатаму ни укажуваат на една иста работа дека државата ни е заробена од владејачката гарнитура. Сега до кое ниво ние ќе дозволиме ова да ни го соопштуваат од надвор и ќе го трпиме дома е прашање веројатно на граѓанството на оваа држава“, рече Димова.
Таа исто така го повтори ставот дека СДСМ нема да одат на избори на 5 јуни додека не се исполнат основните услови за фер и демократско гласање.
Владејачката ВМРО–ДПМНЕ, пак, реагира дека СДСМ нема програма и дека Фридом хаус е финансирана од Сорос и затоа во нивниот извештај нема „ниту збор од недемократските и тоталитарните вредности на СДСМ и бандата околу Зоран Заев“.
„Фридом Хаус е финансирана од СОРОС и нејзините извештаи ги пишува и базира исклучиво на мислењето на соросовите платеници од бандата на Милчин кои се инсталирани како кукавичко јајце во граѓанскиот сектор во Македонија“, се вели во соопштението од владејачката партија.
Оценувајќи го извештајот на Фридом хаус како очекуван и искажувајќи максимална загриженост од, како што вели, дефинитивното кревање раце од демократијата и човековите права во Македонија, Тито Петковски од НСДП, одржувањето избори во изминатите неколку години го смета за фалсификуван процес и бара владејачката партија да не воведува хаос повторно пред изборите кои таа смета дека треба да се случат во јуни.
„Ако продолжи вака, Македонија може да добие безмалку и посебен меѓународен мониторинг. Власта не сака да се откаже од своите намери по секоја цена да владее и покрај откриениот криминал, корупција, фалсификување на избори така да работите одат во сè полоша и полоша насока“, вели Петковски.
Бојан Маричиќ од Центарот за европско образование вели дека Македонија во континуитет има пад во извештаите на Фридом хаус. Оценувајќи ги изнесените констатациите како реалност, Маричиќ изразува загриженост што укажувањата ништо нема да сменат поради односот кон нив.
„Проблемот е што овие извештаи не се земаат сериозно и во општеството и од институциите. Се третираат како лична или поединечна перцепција или како пропаганда, така што извештајот нема да предизвика поголема промена, бидејќи ние многу добро знаеме дека сме на дното и во поглед на слобода на медиуми и владеење на правото. И тоа најдобро го докажува моменталната апсурдна и хаотична состојба во поглед на распишувањето и одржувањето на изборите“, вели Маричиќ.