Ненад Јолдески не крие дека и се израдувал на Наградата за литература на Европската унија. Дека е меѓу 12-те одбрани автори во подем од Стариот континент кои добиваат меѓународна видливост и промоција на своето дело. Во случајов, за „Секој со своето езеро“, издание на Темплум од 2012 година. Знае да каже дека тој за ова престижно признание знаел уште пред неколку месеци кога бил контактиран за преводот и за некои административни работи, но дека не сакал тоа да го сподели и на тој начин да си даде простор себе си „за на некој начин да ја свари наградата“. И, за тоа време интензивно размислувал за она што му се случува.
Јас имам избегано од награди. Наградите колку што знаат да бидат добри, толку знаат да бидат и лоши. Особено овде кај нас. Мислам дека во Македонија има тренд на тоа да се злоупотребуваат наградите. Да се измислуваат нови. Дури подобро е да бараш автор без награда, отколку со награда, меѓутоа во овој случај е малку поразлично. Сепак е наградата од европско значење.Ненад Јолдески, писател
„Јас имам избегано од награди. Наградите колку што знаат да бидат добри, толку знаат да бидат и лоши. Особено овде кај нас. Мислам дека во Македонија има тренд на тоа да се злоупотребуваат наградите. Да се измислуваат нови. Дури подобро е да бараш автор без награда, отколку со награда, меѓутоа во овој случај е малку поразлично. Сепак е наградата од европско значење. Затоа, лично сега чувствувам поголема одговорност отколку што чувствувам радост дека не знам ете „сум го достигнал врвот“. Напротив. Сметам дека ова е само еден огромен поттик кој ќе ме натера да пишувам уште повеќе. Уште повеќе да се вљубам во книжевноста и се разбира финансискиот стимул би ми дозволил некаква пауза со редовната работа и можност определен период да му се посветам исклучиво на пишувањето. Во денешно време е непроценливо да најдеш слободно време за да може да се создаде едно квалитетно дело“, вели Јолдески.
Појаснува дека наградата се доделува за целото творештво, но дека кандидатите треба да имаат од две до четири книги и нивната прва објава треба да биде публикувана најмалку пет години пред објавувањето на конкурсот. Од таму нагласува дека целта е промоцијата и отворањето на европскиот пазар за младите но веќе потврдени автори отколку било што друго. Знае да каже дека само во изминатите ден-два веќе му се јавиле неколку издавачи од земјите од регионов за да ја преведат и објават „Секој со своето езеро“.
„Колку што сум радосен од таквиот след на настаните, толку сум и изненаден. Едноставно не сме навикнати на еден таков пазар, таков маркетинг и такво функционирање на работите. Посебно овде во Македонија како малечка земја. Знаеме сите каква ни е состојбата со издаваштвото и со книжевноста. Мене ми е жал што така и без наградата пазарно не функционираат нештата во овој наш микрокосмос, но тоа е тоа“, вели тој.
Јолдески посочува дека во минатото, „како помлад“, бил научен да функционира „на блок“ и дека многу често објавувал, но дека наеднаш решил да прекине со таа пракса. Почнало да му смета да го објавува сето она што го пишувал или барем голем дел од тоа. Сепак кажува дека во годиниве наназад редовно пишувал и дека подготвува нова книга. Дека тоа најверојатно ќе биде роман сочинет од раскази, но дека за тоа сè уште е рано да се зборува.
„Сметам дека секоја книга, како впрочем и луѓето, си има свое време и своја судбина, што би рекол Киш. Не треба да се брза. Не треба да се влегува во скрибоманија – да се штанцаат, печатат книги. Треба да одлежи нештото и сè дури јас не бидам комплетно задоволен од напишаното, нема да превземам никаков чекор за негово објавување. Не сакам да се бркам со времето и тоа да ми влијае на книжевноста и нели како и сите други и јас треба од нешто да работам за да живеам. Во борбата помеѓу времето и нагонот за пишување, пишувам, но не би се истрчувал со тоа што конкретно ќе биде објавено“, вели тој.
Роден 1986 година во Струга, Ненад Јолдески дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св, Кирил и Методиј“, насока е-бизнис. Магистрирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет на тема „Интертекстуална иронија во модерниот и постмодерниот расказ“. Автор е на „Штамата на Енхалон“, збирка раскази напишани на струшки дијалект и сленг за која во 2009 година ја добил наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Три години подоцна, исто така за Темплум, излегува и „Секој со своето езеро“, а во 2010 година добитник е и на награда за краток едноминутен филм на Скопскиот филмски фестивал.
Јолдески е еден од основачите на денес непостоечкото отворено арт здружение „Везденски“ кое ги потпиша претставите „Ајншатјновите сништа“ на Ален Лајтман, „Инсомниа“ од Димитрие Дурацоски и театарската адаптација на расказот „Старицата“ од Данил Хармс. Тој заедно со неколкумина свои сомисленици од 2013 наваму стои и зад ИНКА (Иницијативата за независен културен активизам), а последниве две-три години го среќаваме и како организатор на фестивалот „Дрим-он“.
„Тоа е таа борба што ја водам. Јас сум хиперактивен и сакам навистина да помогнам во културата. Со едноминутниот филм беше еден краток излет со двајца мои пријатели во нешто за мене дотогаш непознато. Добивме награда, но во никој случај нема да се занимавам со филм, освен ако не си зададам задача да пишувам сценарио. „Везденски“ беше една феноменална дружба. Јас ги адаптирав сценаријата за претставите и дури глумев во некои од нив, но со сето тоа мораше да се заврши во интерес на ИНКА и „ДРим-он“ и сите сили да се насочат на фестивалот. „Дрим-он“ опстојува цели три години комплетно независно, без каква било помош од некого и јас се надевам дека ќе ја продолжиме и годинава таа наша неизвесна алтернативна приказна. Од друга страна чувствувам дека сум се раскинал на сите страни и дека ќе треба да намалам со ваквиот активизам и да му се посветам на пишувањето. Јасно ми е дека пишувањето е тоа што ми треба, а толку е силата“, вели тој.