Како што растат страхувањата од нуклеарен тероризам, акцијата на американскиот претседател Барак Обама да ги заклучи несигурните атомски материјали низ целиот свет, се чини го губи моментот и може да биде забавена за извесно време.
Со само уште десет месеци на таа функција, тој треба да ги увери лидерите од педесетина земји дека треба да го завршат започнатиот проект пред неговото заминување од Белата куќа.
На четвртиот самит откако претседателот Барак Обама го постави неширењето на нуклеарното оружје како клучна точка на неговата надворешна политика, не учествува Русија.
Бојкотот од рускиот претседател Владимир Путин кој по се изгледа нема волја да учествува на собир во кој доминираат Соединетите држави во време на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Москва, само ги дополнува сомневањата дека состанокот нема да има некакви поголеми резултати.
Последните терористички напади во Брисел ја зголемија загриженоста дека милитантите на Исламската држава би можело за цел да имаат нуклеарни централи и со тоа да дојдат до материјали за развивање радиоактивни валкани бомби.
До сега, немало терористички напад со употреба на нуклеарен материјал. Но, овој факт не треба да не ослепи од можноста терористите да употребат нуклеарен материјал во форма на валкана бомба, на пример. Ние треба да останеме будни, бидејќи таа можност е реална.Јукија Амано, директор на МААЕ
И покрај значителниот напредок што Обама го постигна во уверувањето на земјите да сторат повеќе во чувањето и редуцирањето на нуклеарните залихи, повеќето од плутониумот и збогатениот ураниум во светот останува незаштитен од кражби.
Како и да е, многумина експерти велат дека се забележувал извесно забавување од претходниот самит одржан во 2014 година. Притоа се наведува дека Јапонија, Индија и Пакистан почнале да подготвуваат активности за зголемување на нуклеарните залихи.
Во исто време, директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија Јукија Амано во интервју за кинеската Централна телевизија оцени дека бил постигнат голем успех во спречувањето на нуклеарниот тероризам во изминативе шест години.
„До сега, немало терористички напад со употреба на нуклеарен материјал. Но, овој факт не треба да не ослепи од можноста терористите да употребат нуклеарен материјал во форма на валкана бомба, на пример. Ние треба да останеме будни, бидејќи таа можност е реална. Затоа треба да соработуваме со цел секоја земја да го зголеми нивото на својата нуклеарна безбедност“, рече Амано.
Тој наведе дека Меѓународната агенција за атомска енергија за таа цел во изминативе години обучила над 10 илјади луѓе и оти донирала соодветна опрема до сите земји.
Амано како добар пример во борбата против нуклеарниот тероризам ја посочи соработката меѓу Соединетите држави и Кина. „Само на таков начин може да се подобри безбедноста во светот“, оцени тој.