Бура реакции предизвика ослободителната пресуда за српскиот ултранационалист Воислав Шешељ пред судот во Хаг. Тој беше ослободен од сите точки на обвинението за воени злосторства во Хрватска, Босна и Херцеговина и во Војводина. Главниот обвинител Серж Брамерц соопшти дека по разгледување на образложението ќе одлучи дали ќе ја обжали пресудата.
Хрватскиот премиер Тихомир Орешковиќ реагира дека пресудата е срамна и оти е пораз и на Хашкиот суд и на Хашкото обвинителство.
Шешељ – Идејата за Голема Србија е бесмртна
По изрекувањето на пресудата, на прес-конференција во Белград, Шешељ рече дека во Хаг се појавиле двајца чесни судии, кои ја донеле единствената вистинска пресуда. Тој рече дека идејата за Голема Србија е бесмртна и подеднакво силна и со без него.
Според него пресудата е важна поради тоа што е оспорено здруженото злосторничко движење, решена е вината за почетокот на граѓанската војна во Југославија и за сторените кривични дела.
Жртвите огорчени
Низа здруженија на жртвите од војните во Босна и Херцеговина и во Хрватска изразија огорченост од пресудата.
„Ова е лудило на квадрат“ и „стрмоглавување на меѓународната правда“, изјави претседателот на Фондацијата „Вистина, правда, помирување“, Синан Алиќ.
Претседателот на Здружението на родители на убиените деца во Сараево, Фикрет Грабовица, рече дека пресудата е неверојатна и „класична политичка пресуда“.
Хрватска – Срамна и политички мотивирана пресуда
Хрватскиот премиер Тихомир Орешковиќ реагира дека пресудата е срамна и оти е пораз и на Хашкиот суд и на Хашкото обвинителство.
Лидерот на владејачката ХДЗ и прв потпретседател на владата, Томсилав Карамарко изрази згрозеност од пресудата.
Потпретседателот на опозициската хрватска Социјал-демократска партија, Златко Комадина, изјави дека Хрватска со оваа политички мотивирана пресуда доживува нова неправда.
Поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ оцени дека пресудата е скандалозна и политички мотивирана.
Хрватската академија на науки и уметности реагира дека ослободителната пресуда е неправда кон стотиците илјади жртви на српската агресија.
За попладнево, во центарот на Загреб е најавен протест под мотото „Ослободувањето на Шешељ – Пораз за правдата, срамота за судот, неправда за жртвите“. Протестниот собир е во организација на Платформа 112 и Центарот за жени-жртви на војната.
Србија – Измешани чувства
Српскиот претседател Томислав Николиќ изјави дека е рамнодушен на пресудата и оти нема никакви чувства за Шешељ.
Премиерот Александар Вучиќ, пак, утре ќе ѝ се обрати на домашната и светската јавност по повод пресудите за поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ и лидерот на српските радикали Воислав Шешељ.
Српското крајно националистичко движење Двети и Демократската партија на Србија на поранешниот претседател Воислав Коштуница оценија дека ослободителната пресуда „не смее да го замагли фактот дека Хаг е политички и антисрпски суд“.
Претседателот на Лигата на социјалдемократи на Војводина, Ненад Чанак, изјави дека е шокиран од пресудата.
Реакции од регионот
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, не е изненаден од пресудата, зашто, како што рече, процесот бил правно невтемелен, туку политички.
Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ му ја честита слободата на Шешељ. Одговарајќи на новинарско прашање, дали се плаши од пораст на радикализмот во Црна Гора по ослободувањето на претседателот на Српската радикална странка, Ѓукановиќ рече дека немал очекувања од судот во Хаг и не може да биде изненаден.
„Го констатирам фактот дека судот во Хаг ја заврши процедурата и го ослободи Шешељ. Драго ми е што секој човек е слободен“, рече тој.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Меѓународни реакции
Италијанската судијка Флавија Латанци, која имаше издвоено мислење од останатите двајца судии во Судскиот совет на трибуналот, оцени дека ослободителната пресуда е спротивна на доказите и дека не е втемелена на меѓународното право. Таа смета дека вината на Шешељ е докажана во осум од девет точки од обвинението.
Поранешната портпаролка на Хашкото обвинителство, Флоренс Хартман изјави дека е шокирана од ослободителната пресуда за Шешељ.
„Не сум шокирана само поради ослободувањето на Шешељ по сите точки од обвинението, туку и поради начинот на кој е тоа направено, со што се негираат воените случувања и неговата улога и се одбива дека неговите говори на омраза поттикнувале на злосторства. Со ова напишаа една приказна која никој не ја доживеал, ниту ја видел како набљудувач“, истакна Хартман.
Според неа, оние кои пишувале за војната и за Хашкиот трибунал завршуваат во затвор, а оние кои извршиле злосторства се ослободуваат.
Рускиот вицепремиер Дмитри Рогозин на твитер напиша дека му ја честита победата на неговиот другар, прашувајќи кој ќе му го надомести времето поминато во затвор и нарушеното здравје.