Мигрантите во потрага по нови рути

Од Министерството за внатрешни работи велат дека ситуацијата во македонските прифатни центри е мирна, но оти деновиве има зголемени обиди за илегално преминување на македонската граница, но успешно се спречуваат.

Последните тензии во кампот во Идомени во Грција меѓу бегалците и грчката полиција, се чувствуваат во прифатните центри во Гевгелија и во Табановце, но сепак тие не влијаат значајно на состојбата на македонската територија, велат активистите од организациите кои се присутни на терен.

Се надеваат секој можен момент дека Европа ќе се смилува и ќе ги отвори границите барем да ги пропушти оние што се заглавени кај нас, во Грција, Србија и Хрватска.
Јасмин Реџепи, Легис.

Тие истакнуваат дека над 130 бегалци кои моментално се во кампот Винојуг во Гевгелија и оние 1.000 на Табановце, се уште се надеваат дека ќе го продолжат кон Западна Европа и често прашуваат кога границата ќе биде отворена.

Таму хуманитарните организации им обезбедуваат храна и топла облека, додека тимовите на Министерството за здравство се грижат за нивната здравствена состојба. Активистот Јасмин Реџепи од организацијата „Легис“ вели дека единствено е проблематично сместувањето во Табановце, бидејќи голем дел од бегалците во шаторите спијат на клупи и на душеци.

„Тие имаат понуда од надлежните министерства да бидат префрлени доле во Гевгелија, бидејќи има повеќе простор, но надежта последна умира така да луѓето се полни со надеж и често пати прашуваат кога ќе се отвори границата, јас велам нема да се отвори, а после тоа кога ќе се отвори, па велам ни после тоа, никогаш нема да се отвори. Но, кај нив тоа мислење преовладува и се надеваат секој можен момент дека Европа ќе се смилува и ќе ги отвори границите барем да ги пропушти оние што се заглавени кај нас, во Грција, Србија и Хрватска“, вели Реџепи.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Стотици мигранти илегално влегуваат во Македонија

Во однос на тоа што може да се очекува во следните денови по тензиите во Идомени, Реџепи вели дека ситуацијата е неизвесна, но според него нема ниту еден процент надеж дека бегалците ќе бидат пропуштени кон Западна Европа.

„Ние очекуваме бегалците да бараат азил и да можеме да работиме на нивна интеграција во земјава доколку им биде одобрен статусот за азил, но тие не сакаат да направат такво нешто и затоа се моментално во камповите и се уште е неизвесно за нас, за нив и за надлежните институции“, вели Реџепи.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека ситуацијата во македонските прифатни центри е мирна, но оти деновиве има зголемени обиди за илегално преминување на македонската граница, но МВР, АРМ и безбедносните служби од другите држави успешно ги спречуваат.

Од УНХЦР информираат дека луѓето во Идомени се во страв дека нема да можат да стигнат до Западна Европа и дека затоа се очекува тие да бараат нови рути кои се ризични.

Јасмин Реџепи додава дека најверојатно бегалците во Идомени бараат нови рути за илегална миграција преку Албанија, бидејќи постојат такви кои не прифаќаат да останат во Грција и по секоја цена сакаат да ја преминат границата. Тој посочува дека таму грчката полиција успева да ја смири состојбата и не дозволува бегалците да прават провокации на македонска територија. Тој вели дека во Идомени бројот на бегалци е намален на околу десет илјади и оти поголемиот број од новопристигнатите бегалци одат во новоизградените кампови во близина на Поликастро, Кукуш, Солун и Атина.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Разочараност на Табановце