Специјалното обвинителство отвора нов случај, поврзан со незаконското следење на комуникации, најави обвинителката Катица Јанева на денешната прес-конференција. Случајот го водат под името Тврдина. Предметот е сложен, рече обвинителката Ленче Ристоска, презентирајќи го случајот.
Според СЈО, осомничени се двајца началници од Одделот за безбедност и контраразузнавање при МВР, кои заедно со тогашниот министер за внатрешни работи на почетокот на 2015, пречекорувајќи ги надлежностите и искористувајќи ја својата положба, со еден началник на еден од одделите во МВР, уништиле средства за следење на комуникации со што направиле штета од 10 милиони евра.
Претходно СЈО побара сослушување на началникот на петтата управа, Горан Грујевски, кој засега е недостапен за сослушување. Инаку, Грујевски има докторска дисертација на тема „(Зло)употреба на посебните истражни мерки“
Специјалното јавно обвинителство досега ги отвори случаите, „Титаник“ за изборни нерегуларности и „Тортура“ за начинот на апсењето на Љубе Бошкоски.