Домашни функционери „се мрсат“ со европски пари?

Домашните институции мора да отворат истрага по тврдењата на белгискиот експерт Питер Ванхауте дека има сериозни индиции оти 40 проценти од ИПА фондовите се злоупотребуваат.

Досега во Македонија се зборуваше дека парите од европските фондови се доделуваат несоодветно, но веќе има сериозни индиции дека тие пари се злоупотребуваат и оти незаконски се трошат. На ова укажа белгискиот посредник Питер Ванхауте кој дури зборуваше за лица што се спремни да зборуваат за незаконско трошење на тие пари.

Тоа треба да биде аларм за нашите институции, барем веднаш да го побараат Ванхауте и да каже за што станува збор.
Слаѓана Тасева, Транспаренси интернејшнал Македонија.

После оваа сериозна изјава на белгискиот експерт, антикорупционерите коментираат дека е неопходно институциите да ги истражат злоупотребите на парите од европските фондови во Македонија. Тие исто така очекуваат дека многу бргу во државава ќе дојдат претставници од Европската комисија да испитаат дали има злоупотреби.

„Не е само зборување за немање ефекти и резултати, туку и за злоупотреби. Тоа треба да биде аларм за нашите институции, барем веднаш да го побараат Ванхауте и да каже за што станува збор. Во вакви случаи постои една утврдена практика во Европската комисија, односно веднаш да се вклучи ОЛАФ групата, која во рамки на ЕК е задолжена за проверка на трошењето на европските пари и за евентуалните злоупотреби“, вели Слаѓана Тасева од Транспаренси интернејшнал Македонија.

Од изјавата на белгискиот посредник вчера јавноста првпат слушна обвинување дека незаконски се трошат европските фондови. Претходно имаше укажувања за тоа дека постапките за избор на групи кои ги имплементираат тие проекти не се целосно транспарентни и дека постојат случаи кога се засновани на судир на интереси. Исто така имаше и забелешки како се трошат тие фондови.

Тасева вели дека многу од парите останаа непотрошени, но дека и од тие што се потрошија, јавноста не виде ефекти.

Според зборовите на антикорупционерката Вања Михајлова, она што јавноста го слушна од Ванхауте е сериозно обвинување од европски претставник. Во таков случај институциите треба да покренат активности и да извршат контрола како се трошат европските пари, вели Михајлова.

„Да не дојде од надвор да нè контролираат, тоа секако ќе се случи, но има работа за повеќе органи, тука пред сè се Јавното обвинителство и Антикорупциската комисија. Тоа е допрен глас, тоа го кажува функционер на ЕУ, не кој било, не некое случајно лице“, вели таа.

Ванхауте вчера кажа дека има лица кои се спремни да зборуваат дека четириесет проценти од парите од ИПА фондовите се користеле незаконски. ИПА фондовите се пари кои Европската унија ги издвојува за европеизација на земјите кандидати за членство и се повлекуваат преку проекти планирани за инфраструктура, вработувања, јакнење на капацитети, поддршка на малцинства и друго. Од Јавното Обвинителство ни наведоа дека ги следат сите написи и изјави и во ситуации кога ќе оцени дека има сериозни основи на сомнение, тие се или ќе бидат предмет на анализа.