Би сакал да им порачам на граѓаните на Република Македонија да бидат спокојни. Ни на крај памет не ми паднало и не ми паѓа да помилувам педофили, наркодилери, силеџии на избори, терористи и екстремисти, истакна претседателот Ѓорге Иванов, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе ги искористи вратените ингеренции по одлуката на Уставниот суд за укинување на забраната за помилување на овие категории лица.
„Како и досега, ќе го правам исклучиво она што е исправно и она што е во интерес на државата“, рече Иванов по средбата со државниот секретар на Ватикан Пјетро Паролин.
Иванов со Парилин разговарал за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, како и за тековните иницијативи во насока на продлабочување на меѓусебната соработка. Македонскиот претседател ја поздрави одлуката на Ватикан за прогласувањето на Мајка Тереза за светица, информира Кабинетот на претседателот. Кардиналот Паролин се сретна и со премиерот Емил Димитриев.