Додека трае судскиот претрес за мајските случувања во кумановската Дива населба (Диво насеље) советниците во општинскиот Совет расправаа дали тој дводневен вооружен судир на „терористичка“ група со полицијата во кој загинаа полицајци, бил тероризам или нешто друго. Според извештајот за работа на Полициската станица ако се исклучи тој факт, годината била подобра од претходната во сите области.
Извештајот за работа на Полициската станица од општа надлежност генерално е оценет како позитивен, што се гледа од податоците дека има намалување на криминалитетот, нарушување на јавниот ред и мир. Има зголемување на прекршувања во сообраќајот.Игор Митевски, началник на полиција.
„Извештајот за работа на Полициската станица од општа надлежност генерално е оценет како позитивен, што се гледа од податоците дека има намалување на криминалитетот, нарушување на јавниот ред и мир. Има зголемување на прекршувања во сообраќајот“, вели началникот Игор Митевски.
Сепак, како што рече, Максим Димитриевски претседател на Советот, не може, а да не изреагира на премолчување за дводневните настани кои ги вознемирија граѓаните на Куманово, што беа закана за дестабилизација не само на градот, туку и на државата.
„Два дена бевме соочени со една реалност, се пукаше на сите страни, а на крајот во хиерархијата на полицијата конкретно немаше соодветна одговорност за сите чинители во командноста. Дури слушнавме во јавноста дека најголем дел кои биле вклучени во координација на оваа антитерористичка акција во Куманово, потоа биле и финансиски наградени со по пет, десет илјади евра средства на граѓаните издвоени од буџетот на Република Македонија. Поентата ми е дека во извештајот треба да биде спомнат. Не можам ниту да го премолчам фактот дека тогаш во Куманово некој овозможил да се инфилтрира не еден, не два,туку цела една чета вооружени луѓе и два дена го држи градот во заложништво. А луѓето кои биле на командна одговорност се уште се на високи функции во МВР.“
На употреба на терминот тероризам реагираше Фериз Дервиши советник од коалициониот блок на партиите на Албанците.
„Се уште нема официјална квалификација дали е тоа тероризам, нарушување на јавниот ред и мир или напад или препад, туку се води судска расправа. Затоа мислам дека претседателот на Советот не требаше да го употреби зборот тероризам или антитероризам. Има Дирекција за разузнавање и контраразузнавање кои требале да бидат активни и да откријат и да спречат на време, за да не биде така како што беше.“
Советникот Тони Трајковски од опозиционата Коалиција „За подобра Македонија“ исто така забележа дека во Куманово МВР официјално настаните ги оквалификувало како кривично дело тероризам, кое се уште не е расветлено.
„Регистрираното кривично дело е терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста сторена од непознати сторители и истото останало нерасветлено, во тек е судска постапка.“
Дервиши пак остана на својот став дека не било тероризам, при тоа упатувајќи критика кон надлежните кои не реагирале на време да се спречи дводневниот хаос во Куманово. При тоа тој рече дека викендите ги минувал во липковско, во планинските села и забележал дека има униформирани луѓе.
„Секој ден се вртеа хеликоптери и се вртеа истите луѓе во униформа и никој ништо не преземал. И на крај по судската расправа ќе се донесе одлука дали и што било тоа.“
По расправата околу дефинирањето на мајските настани во Куманово, се чини секој од советниците си остана на својот став. Неизвесна е судската одлука, а неодговорени се и многу прашања. Единствено што е извесно се загубените осум човечки животи, преплашените граѓани и материјалната штета.