(Не)Видливите конци на Тихомир Јанчовски

„Игла и конец“ е насловена осмата поетска книга на Тихомир Јанчовски што како издание на Матица се појави неодамна и за која промоцијата е планирано да се одржи оваа сабота, на 12 март, во 20 часот, во Кино Култура во Скопје. Влезот е слободен, а присуството пожелно. Ова е еден од „деновите што се живее“, а за кој, како што вели авторот, „доживеаното подоцна ќе се раскажува“.

Имам 48 години

и нервозен човек сум

Од болести ми се чини

немам прележано уште

рак и клиничка смрт

се друго веќе ме снајде

особено во последнава петолетка.

(Нервоза)

Се надевам староста

(ако ја дочекам)

ќе ми биде поубава

од младоста и средните години

зашто во нив

главно бев стар, многу стар...

пртежно замислен.

Знам што сакам:

умот да ми биде чист

душата мирна

а телото радосно.

Се надевам дека на старост

ќе подетинам.

( Игла и конец )

Ова се стихови од две песни, „Нервоза“ и насловната „Игла и конец“, од осмата по ред стихозбирка на поетот, колумнист и преведувач Тихомир Јанчовски, што како издание на Матица се појави неодамна. За делото, во текстот насловен како „Невидливите шевови на времето“, неговиот пријател босанско-херцеговскиот книжевник Ахмед Буриќ, меѓу другото пишува: Ова е книга на која читателите од оваа, но и од идните генерации, секогаш ќе може да се навратат. Таа е анамнеза на голем број судбини и на едно време што нема да можеме да го нарекуваме „свое“ затоа што е полно со работи правени во име на колективот, во „наше“ име, без никој да не праша ништо. Но, длабоко ќе знаеме дека тоа навистина било наше време токму поради ваквата поезија, поради книгата што ја напишал Тихомир Јанчовски и која, верувајте ми на зборот, речиси нема поет што не би сакал да ја има напишано самиот.

Насловот ми дојде некако спонтано пред неколку месеци. Инаку книгата требаше да се вика „Не е до мене“ според една од песните, но после видов дека имам едно десеттина песни кои ги спојува тој ист мотив на некакви конци, видливи или невидливи, па напишав и песна која што се вика „Игла и конец“ и мислам дека насловот е многу лесен за помнење и затоа на крајот го ставив токму него.
Тихомир Јанчовски, поет.

А, авторот пак, знае да каже дека, книгата е одбир од неговото поетско творештво од последниве три години. Она што вреди да биде објавено.

„Насловот ми дојде некако спонтано пред неколку месеци. Инаку книгата требаше да се вика „Не е до мене“ според една од песните, но после видов дека имам едно десеттина песни кои ги спојува тој ист мотив на некакви конци, видливи или невидливи, па напишав и песна која што се вика „Игла и конец“ и мислам дека насловот е многу лесен за помнење и затоа на крајот го ставив токму него. Внатре има 48 песни, така убава бројка, и сакав да има толку затоа што и јас сега ќе имам толку години. И сето тоа, заедно со илустрациите, е сместено на точно 89 страници.“

Запрашан „од каде желбата на старост да подетини“, Јанчовски вели дека тој староста не ја поима како нешто грдо, тешко и мачно. Појаснува дека тоа за него се ментални категории и дека човек со годините, како старее, милува да станува сè подобар. Да се справува со лошото во себе. Да се ослободува од страсти и лоши навики и едноставно да се врати во состојбата на чистота, на радоста на живеењето што ја имал како дете. Од таму, и надежта дека на старост, „ако ја дочека“, би сакал во умот да биде како дете. Ослободен од секакви грижи, желби и амбиции за да може да си го живее како што сака дадениот момент и секој преостанат миг од животот.

„Мислам дека литературата може да делува на внатрешниот свет на човекот и ако тој станува поубав, сигурно и светот околу нас ќе стане поубав.“

Инаку, промоцијата на „Игла и конец“, закажана за оваа сабота, на 12 март, во 20 часот, во Кино Култура, ја следи идејата на авторот од ваквиот чин да прави настан. Така овојпат за книгата ќе зборува новинарот Ѕвездан Георгиевски, водител ќе биде Ѓоко Здравески, а песни ќе читаат Оливер Белопета ( „...ми се допаѓа неговиот глас...“), Емилија Пападимитров (“...спикерка порано на А1 – сега презентерка...“), Добрила Грашеска, Зоран Тортевски и други. На ѕидовите ќе биде изложбата на цртежи и илустрации на Владимир Лукаш, Јанчовски и „еден автор кој сака да остане анонимен“, а уметницата Цветанка Јованова Хермис ќе слика пред публиката.

Во музичкиот дел наместо гитаристот Дамјан Пејчиновски ( „...отиде на крштевка во Швајцарија...“) ќе настапат девојките од групата ПЕРИЈА („...ми се бендисува нивната изведба и целиот нивни концепт за жирење култура на улица...“), потоа и „едни млади џезери со слободни импровизаторски форми “ - ЛАЈТ МОТИВ и , конечно, поетот со своите пријатели кои речиси редовно свират на неговите промоции.

„Јас не дека не го сакам класичниот шаблонски начин на промовирање, ама мене некако поинаку ме оди. И со поезијата и со промоциите. Самите излегуваат поинаку. Бидејќи кај нас работите се такви какви што се, ако чекаме од друг да ни ја заврши работата, тогаш би зборувале најверојатно за таква промоција. Малку пообична. Стерилна. Нашава средина е таква што човек треба самиот да се потруди за книгата да се чуе и таа да си го најде, да си го пробие патот до читателот. Не мора човек да мисли дали е добра или лоша, меѓутоа треба да знае за неа дека постои. А голем број од книгите кај нас, независно дали се добри или лоши, поминуваат незабележани затоа што никој не се труди да ги најави, да ги доближи до читателската публика. Сметам дека не е точно она што многу луѓе го тврдат дека во Македонија немало читателска публика, дека луѓето не читаат...Тоа се, ајде да кажам, лаги. И овде има публика пропорционално како и во секоја друга земја, меѓутоа треба да се ангажира некој таа публика да може да дознае за новите книги што излегуваат за да може со нив да комуницира. Да ги чита.“

А, колку за потсетување - „Игла и конец“ доаѓа по неодамна публикуваниот избор „Од збор до збор“ (Антолог, 2016), а Јанчовски през годините ги има потпишано и стихозбирките „Староста може, а не мора да се дочека“ (Матица 2013), „О, ти!“ (Темплум, 2011), „Осама“ (Или Или 2010), „Последно време“ ( Блесок, 2005), „Два“ (Кинематика, 2002) и „Обични зборови“ (Табернакул 1998).

Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија и антологии како Млад борец, Студентски збор, Проглас, Texas Poetry Review, Muse India, Блесок, , Пурпурни извори, Voix Vives...и други. Преведуван е на англиски, француски, словачки, српски, хрватски, босански, црногорски, грчки и италијански јазик.

Од 2013 до неодамна редовно пишуваше колумни во Утрински весник насловени како „Рурбано“, а сеуште има и бавча на off.net.mk, под наслов „Исповеди“.

И, уште нешто. Нему особено важно. Тихомир Јанчовски и натаму, со голем или намален ентузијазам, цврсто ќе стои зад успешно зачнатата акција со Децата од нашата улица - „Биди човек, подари книга!“.