Грчки европратеник избркан од седница на Европскиот парламент

Илустрација

Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц денеска во Стразбур на пленарната сесија го избрка европратеникот на десничарската грчка партија „Златна зора“, Елефтериос Синадинос, соопшти грчкото радио „Скај“, пренесува БТА. Повод за отстранувањето беше коментарот на Синадинос, кој во контекст на бегалската криза, ги опиша Турците како „валкани варвари“. Тој изјави дека „Турчинот е како куче, кое лае, но бега кога треба да се исправи пред непријателот“, и посочи дека единствен начин за справување со Турците е со „тупаница и решителност“.

Поради неговите зборови, Шулц реши да го отстрани од пленарната сесија, што се случува првпат во Европскиот парламент, забележува „Скај“. Според претседателот на ЕП, зборовите на грчкиот европратеник претставуваат „бесрамно нарушување на човековите права“.

Грчкиот европратеник ќе има можност подоцна да го искаже својот став, соопшти претседателот на ЕП.

Во минатото Шулц им даваше казни на европратениците за расистички изјави, потсетува ДПА.