Нови рестрикции за мигрантите на балканската рута

Македонско - грчката граница не е во целост затворена за бегалците, но не е ни целосно отворена е впечатокот на волонтерите. Слична е и состојбата на Табановце каде што Србија ги зголемува рестрикциите и се помалку пропушта бегалци на нејзината територија.

Македонската полиција воведува рестрикции на границата со Грција за бегалците, тврдат претставници на УНХЦР во Грција. Станува збор за географска селекција на бегалците кои доаѓаат од Сирија и Ирак, односно на оние бегалци кои доаѓаат од одредени области кои се сметаат за безбедни и се под контрола на властите не им се дозволува влез во Македонија. Македонските власти ниту ја потврдуваат ниту ја демантираат ваквата информација.

Од тие причини предлагаме во врска со ова да побарате ставови од останатите држави од рутата, бидејќи од нивните критериуми ќе зависат и критериумите кои ќе се применуваат на македонско-грчката граница. Впрочем во овој момент на македонско-српската граница се заглавени преку илјада бегалци, во најголем дел токму од Сирија и Ирак, за кои не знаеме од кои причини не им е дозволен транзитот низ Република Србија.
Писмена реакција од МВР.

Од МВР објаснуваат дека Ирак и Сирија се сметаат за небезбедни земји, но доколку некоја од земјите на рутата воведе нови ограничувања ќе бидат приморани да ја разгледаат можноста за нивна промена и на македонско-грчката граница, вклучувајќи ја и забраната за влез на мигранти од одредени подрачја.

„Од тие причини предлагаме во врска со ова да побарате ставови од останатите држави од рутата, бидејќи од нивните критериуми ќе зависат и критериумите кои ќе се применуваат на македонско-грчката граница. Впрочем во овој момент на македонско-српската граница се заглавени преку илјада бегалци, во најголем дел токму од Сирија и Ирак, за кои не знаеме од кои причини не им е дозволен транзитот низ Република Србија“, се вели во писмената реакција од МВР.

Портпаролот на УНХЦР во Грција Бабар Балох, вели дека состојбата во Идомени е очајна, секојдневно пристигнуваат по најмалку илјада луѓе. Бројот на заглавени бегалци денеска изнесува околу 13 илјади. Тој додава дека одлуката на македонските власти е дискриминаторска.

„Секој ден гледаме нови рестрикции при влезот во Македонија. Сега ни кажуваат дека Македонија не дозволува влез на луѓе кои што доаѓаат некои области од Сирија како што е Дамаск, Тартус, Хомс, Латакија, и други кои се под контрола на сириската влада и се сметаат за безбедни. Слично е и со некои области од Ирак. За нив тие луѓе не се квалификуваат за бегалци, што е сосема погрешно. “

Рстрикции има и во однос на бегалците од Ирак.

Од друга страна, волонтерите на Табановце тврдат дека Србија од вчера вовела нови рестрикции. Јасмин Реџепи од невладината Легис вели дека се случува Србија да врати и една третина бегалците кои со воз пристигнуваат во Табановце, под оправдување дека имале проблематични документи или дека доаѓаат од градови во Сирија за кои властите сметаат дека се безбедни.

„Претходно ги враќаа затоа што имале печат дека биле над 30 дена во Турција, а сега е смалено, и доколку воопшто имаат печат од Турција забрането им е да влегуваат на европска територија, бидејќи се смета дека биле во Турција, која што е безбедна земја и требало да останат таму а не да доаѓаат во Европа.“

Тој додава дека секој ден европските земји смислуваат ново правило само за да го редуцираат бројот на беглаци кои сакаат да влезат.

Реџепи смета дека државите од балканската рута не го почитуваат договореното, профилирањето да се прави во Гевгелија, и дека Хрватска и Словенија прават дополнителна селекција по што ги враќаат назад во Македонија, што не е фер да се мачат дополнително бегалците.

Во моментов во Табановце веќе трета недела има околу 600 Авганистанци а останатите 500 доаѓаат од Сирија и Ирак.

Љубинка Брашнарска од УНХЦР вели дека во двете групи има многу семејства и мали деца, а условите кои ги нудат Табановце и Винојуг не ги исполнуваат стандардите за подолг престој затоа што тие се изградени само за кус престој од неколку часа.

„Последните неколку дена во Табановце бројката на бегалци кои се задржуваат подолго се движи од илјада до илјада и двесте лица. Да потсетам дека тој прифатен пункт за бегалци кој ние го создадовме има за цел да им помогне на отприлика 400 лица во едно време за кус престој од неколку часа, и во таа насока прифатниот пункт за бегалци Табановце, не може да им излезе во пресрет на потребите на лицата кои што престојуваат веќе трета недела таму, и навистина мораме веднаш да реагираме за да се спречи непосакувани настани во Табановце.“

Таа додава дека во време кога земјите од рутата преземаат различни мерки кои не соодветствуваат со меѓународните стандарди кои гарантираат меѓународна заштита на бегалците, е потребно веднаш да се реагира и УНХЦР е подготвен да им помогне на државните власти во спроведувањето на решението што ќе го лоцираат за да се намали страдањето на тие луѓе.