Доделена новинарската награда „Никола Младенов“

Македонскиот институт за медиуми денеска по 15-ти јубилеен пат ја додели новинарската награда за најдобра истражувачка сторија за 2015 година, која од 2013 година го носи името на трагично починатиот новинар Никола Младенов.

Првата награда, за која жирито едногласно гласало, ја доби новинарскиот тим на Балканската истражувачка мрежа БИРН за истражувањето „Скопје 2014 под лупа“, објавен на веб страницата Призма. Втората награда ја доби новинарката Билјана Николовска од Телма телевизија за документарниот филм „Кога здравствениот систем убива дете“ за малата Тамара Димовска која почина пред повеќе од една година чекајќи операција, додека третата награда ја поделија Џелал Незири од СКУП Македонија за сторијата „Во токсичното кралство на Југохром“ и новинарите Горан Ризаов, Сашка Цветковска и Борјан Јовановски за серијалот текстови за аферата „Телеком“ објавени на веб-страницата на НоваТВ.

МИМ додели и пофалници за истакнат новинарски ангажман и тоа на Сашка Цветковска, Владо Апостолов, Петар Клинчарски, Сузана Мицева, Горан Лефков, Анета Додевска и Александар Јанев.