Претседателот Ѓорге Иванов денеска се сретна со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој е во посета на Република Македонија. На средбата, соопшти кабинетот на Иванов, беше дискутирано за напорите за постигнување на заедничко европско решение за бегалската и мигрантската криза. Македонскиот претседател го реафирмирал ставот дека Македонија се залага за сеопшто европско решение, што ќе опфаќа заеднички критериуми за справување со мигрантската криза.
„Немаме никаков интерес целиот товар да падне само на Грција, но нема да дозволиме да се реализираат еднострани решенија што ќе бидат на наша штета. Воедно, Република Македонија ќе соработува со јужениот сосед за надминување на предизвиците од мигрантската криза“, истакнал претседателот Иванов.
На средбата со Туск, се наведува во соопштението, претседателот Иванов предупреди дека се зголемуваат обидите за насилно влегување во Македонија, употребата на фалсификувани пасоши и документи на ФРОНТЕКС, како и насилството врз безбедносните сили на граничната линија, со што се доведува во прашање не само националната безбедност, туку и регионалната стабилност.
Иванов, се посочува, беше дециден дека во случај на затворање на балканскиот мигрантски коридор, Република Македонија ќе ги преземе сите мерки и активности за хуман третман на мигрантите кои транзитираат, како и за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедност.
Во соопштението од кабинетот на Иванов се вели дека во таа насока, соговорниците се согласија дека е потребна итна координирана и синхронизирана акција на сите засегнати држави и усогласено сеевропско решение.