Немаме каде, ќе ризикуваме

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Немаме каде, ќе ризикуваме

Заглавени мигранти ги преплавија главните плоштади во Атина. Во исто време грчката влада брза да изгради нови кампови за луѓето со оглед на тоа што им се намалува можноста да го продолжат патот кон север. Вашингтон оцени дека бегалската криза е глобален проблем и оти сите земји треба да работат за негово решавање.

На централниот плоштад во Атина, голем број на мигранти го претворија тамошниот парк во привремен дом. Тие спијат на клупите или меѓу дрвјата и цветните леи. Ќебињата и церадите им служат како сенка од пладневното сонце. Повеќето од мигрантите се од Авганистан, вратени од грчката граница со Македонија или, пак, штотуку пристигнати во Атина од грчките острови.

Оние што се вратени од границата велат дека Македонија, прифаќа само Ирачани и Сиријци.

Не можам да сторам ништо, бидејќи јас немам каде. Морам да продолжам. Можеби нешто ќе се случи, можеби ќе се промени ситуацијата, можеби границата ќе биде отворена, и го молиме Господ да ни помогне.
Ибрахим, бегалец од Сирија

Најмалку 22 илјади мигранти и бегалци се заглавени во Грција во последниве неколку денови откако беа заведени новите рестрикции што земјите од балканската рута ги договорија заеднички.

Во Атина се проценува дека во наредниве денови бројот на мигрантите ќе достигне над 70 илјади.Грчката влада почна да гради најмалку пет нови кампови во близина на границата за згрижување на мигрантите и бегалците.

Два нови кампа се градат и во паркот северозападно од Атина во напуштеното олимписко игралиште за бејзбол.

Во меѓувреме, во главното пристаниште Пиреја имало над четири илјади мигранти и бегалци.

Грчките власти во минатиот петок побараа од патничките и бродските компании да го прекинат носењето мигранти од островите, во Атина.

Меѓутоа, два приватни брода во понеделникот пристигнаа од Лезбос, Лерос и Хиос со околу две ипол илјади мигранти.

Сирискиот мигрант Ибрахим кој заедно со своето пошироко семејство дојде од Лезбос вели дека купиле билети за автобус од Пиреја до грчко македонската границаи оти и покрај затворената граница ќе рескира и ќе замине на север.

„Не можам да сторам ништо, бидејќи јас немам каде. Морам да продолжам. Можеби нешто ќе се случи, можеби ќе се промени ситуацијата, можеби границата ќе биде отворена, и го молиме Господ да ни помогне“, вели Ибрахим.

Дваесет и пет годишниот ирачки мигрант Хасан Халеф од Мосул, вели дека тој се плаши од она што го чека и покрај извештаите за хаотичната состојба на границата.

„Загрижен сум и се плашам исто така, бидејќи ние треба да одиме таму. Ние само сакаме да преживееме, ние сме во потрага за мир“, вели тој.

Грција побара итни финансиски средства, но и шатори, ќебиња и возила од Европа за да се справи со кризата.

Во меѓувреме, Германија повтори дека членките на Европската унија, наместо да се обвинуваат меѓусебно, мора да работат заедно за да се справат со мигрантската криза.

Од друга страна, американскиот државен секретар Џон Кери оцени дека оваа бегалска криза е глобален проблем и оти сите земји треба да работат за негово решавање.