Опстанок

Рубинчо Аризанкоски, претседател на Здружението за помош на социјално исклучени лица и ризични групи „Скорпион“.

Морална навреда е покрај ваков глобален проблем со храната да се правиме незаинтересирани, зошто нашите стомаци се полни, пишува Рубинчо Аризанкоски од „Скорпион“ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Ако дваесеттиот век беше век на технологијата и науката, дваесет и првиот век со право можам да го наречам „век на храната“. Светот се соочува со еден алармантен проблем. Што се случува со светот? Сега, во светот, речиси една милијарда луѓе немаат доволно храна да се прехранат т.е. гладуваат. Две милијарди луѓе се недоволно снабдени со витамини, минерали, јагленохидрати и други хранливи материи, речиси 150 милиони деца се ненахранети. Секој ден, 18.000 деца умираат од неухранетост, глад и болести поврзани со гладот. Тоа е едно дете на секој пет секунди. Гладот, убива повеќе луѓе отколку што секоја година тоа го прават сидата, маларијата и туберкулозата заедно.

Во Македонија стапката на сиромашни лица во 2014 година изнесувала 22,1 проценти, но стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2014 година е 25 проценти, а стапката на сиромашни вработени изнесува 9,8 проценти, додека стапката на сиромашни пензионери е 8,4 проценти.

Што правиме ние? Ние сме јадни човечиња кои мислиме само на туѓите маки, а не да си погледнеме в очи и да се прашаме што се случува во нашиот живот. Дали ние кои се гледаме секојдневно во огледалосе прашуваме дали имаме доблест да го жртвуваме нашиот живот за другите? Но, нема да дојдеме до одговорот зошто се работи за нашиот живот.

Еден дел од светот живее во изобилство, но и една четвртина од светската популација живее во сиромаштија. Прашањето е дали богатите земји имаат обврска да помагаат на сиромашните земји? Најсиромашните земји во светот веќе страдаат од лошите временски услови предизвикани од климатските промени вклучувајќи ги тука сушите, високите температури и поплавите. Светската банка посочува дека сегашната политика на кратење на испуштањето јаглен диоксид во атмосферата не може многу да стори во однос на климатските промени што ќе се случат до 2030 година. Глобалното затоплување би можело да предизвика 100 милиони луѓе до 2030 година да се најдат во сиромаштија, доколку не бидат преземени итни потези за заштита од екстремните временски прилики и покачувањето на нивото на морињата.

Според податоците на Државниот завод за статистика се потенцира дека во Македонија стапката на сиромашни лица во 2014 година изнесувала 22,1 проценти, но стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2014 година е 25 проценти, а стапката на сиромашни вработени изнесува 9,8 проценти, додека стапката на сиромашни пензионери е 8,4 проценти. Додека, џини коефициентот изнесува 35,2 проценти.

Додека земјите се соочуваат со ограничувања за снабдување со храна и вода, глад и болести, другите финансираат војни или потрошни проекти. Апсурд, зарем не?

Во минатиот век растевме со двојно повеќе храна отколку што навистина ни беше потребно, искористивме трипати повеќе вода од реките и подземните резерви, а за тоа денеска плаќаме еколошка штета, но и размислуваме за генетско модифицирана храна. Ако продолжиме вака да уништуваме што ќе и оставиме на нашите деца како наследство?

Додека пола од светот гладува, во богатите земји, една третина од произведената храна пропаѓа и се фрла, а друга третина од храната во светот не е безбедна. Безбедноста на храната е право на секој поединец на земјината топка. Податоците и ситуацијата се алармантни, секој од нас мора да преземе нешто, исхраната е од најголемо витално значење за човештвото.

Морална навреда е покрај ваков глобален проблем да се правиме незаинтересирани, зошто нашите стомаци се полни.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.