Истите проблеми од Договорот од Пржино се провлекуваат од денот на потпишувањето во јули, оценуваат експертите. Тие посочуваат дека некои одредби се исполнети делумно, а некои немаат никаква реализација.
Сè што беше потпишано во Пржино до ден денеска е или малку поместено од почетната позиција или речиси воопшто не е поместено. Така што истите предизвици остануваат и ќе се решаваат во иднина.Никола Дујоски, универзитетски професор
Како една од точките каде има поместување од почетната позиција се наведува СЈО. Тоа беше избрано навреме или во пет до дванаесет, но се што следуваше во односот на институциите кон СЈО упатува дека не е докрај испочитувано договореното во Пржино. Истото се случува и со ДИК која беше формирана со задоцнување, но проблем останува избирачкиот список. Претходно потребните средства, методологијата за работа и било што друго што требаше да се стави на располагање на ДИК беше со сериозно задоцнување од по неколку недели. Тоа трае и до денеска. Од ДИК вчера амбасадорите не добија уверување дека може да се прочисти толку бргу избирачкиот список.
За медиумите, исто така, речиси ништо не е променето од минатиот јули. Дури и посредникот Питер Ванхауте вели дека преговорите за реформи се во многу чувствителна фаза и дека не напредуваат соодветно. За медиумите оценката во јавноста е дека се направени незначителни промени во потребните реформи, но се чека постигнување договор околу составот на регулаторното тело и владиното рекламирање.
Заклучокот на професор Никола Дујовски е дека речиси ништо не е исполнето од Договорот од Пржино, освен враќањето на опозицијата во парламентот.
„Сè што беше потпишано во Пржино до ден денеска е или малку поместено од почетната позиција или речиси воопшто не е поместено. Така што истите предизвици остануваат и ќе се решаваат во иднина. Сè додека нема политичка волја, а мислам дека сме далеку од тоа, нема да има ниту простор да напредуваат во тој дел. Не се деновите сами по себе доволно треба активност и работа, а пред се волја да се спроведе тоа што е договорено“, вели Дујоски.
Според него, суштинските активности во наредните неколку недели или денови ќе бидат насочени околу севкупната активност на ДИК. Не само избирачкиот список, треба да се подготват и многу други активности како што се избирачките одбори и се друго што подразбира процес на фер и демократско изјаснување на граѓаните, смета тој.
„Колку време ќе биде потребно за избирачкиот список зависи од тоа какви податоци ќе добие ДИК. Видовме пред некој ден дека не се задоволни од податоците што ги добиле од институциите“, вели Дујоски.
Исто толку важно како ДИК, за фер и демократски избори, останува и состојбата во медиумите, а предизвик останува и работата на СЈО. Според експертите СЈО е многу значајно за чист изборен процес. Тие потсетуваат дека делата кои таму се покренаа и се водат, можат многу да влијаат на квалитетот на изборниот процес.
Во врска со изборот на министри, експертите велат дека тоа се случи со задоцнување и нагласуваат дека тие функционираат со опструкции. Исто така премиерот си замина, но со носење одлука за распуштање на Парламентот на 24 февруари, така што останаа многу прашања отворени во наредниот период.