Уф каква недела!

Стефан Богоев, претседател на Социјал демократската младина на Македонија(СДММ)

И таман помислив дека неделава не може да биде подобра за граѓаните и за државата, кога оп, прес конференција на Специјалното Јавно Обвинителство. Небаре правдата навредена дека оваа недела беше запоставена за сметка на демократијата и слободната мисла, реши силно да одекне, пуштајќи го да заплови македонскиот „Титаник”!, пишува Стефан Богоев, претседател на СДММ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Колумни пишувам еднаш месечно. Обично, опфаќам младински теми или актуелни теми од изминатите месец дена, односно од колумна до колумна. Сепак, овој пат, не ми требаат теми од цел месец, инспирација добив од случувањата во изминатите неколку дена.

Мечот на правдата се симна над главата на оние кои уценувале, поткупувале и фалсификувале избори. Печат и параф на бојкотот на Собранието од страна на опозицијата.

Колумнава ја пишувам во петок, 12 февруари, 2016-та година, 13 часот. Но, ајде да се вратиме на почетокот на неделата!

Неделата започна како што заврши и минатата. СДСМ е интензивно на терен, се среќава со граѓаните, особено со младите. Младите недвосмислено низ цела Македонија даваат поддршка и гледаат единствен спас во промена на власта и во нашата политика која заедно со нив ја градевме, ја градиме и ќе продолжиме да ја градиме. Овој месец излегува и официјалната изборна програма, со бројни мерки и главен фокус на младите. За тоа потоа, има доста време до изборите.

Груевски се разбуди и повторно тргна во својот премиерски поход, иако веќе тоа не е. Па така, младите од СДММ се погрижија на самиот излез од неговиот дом на тоа да го потсетат. Ќе го потсетуваме се почесто и во сите градови, за да излезе од филмот, за негово добро.

Нејсе, дечкото си е во филм, но се уште не е свесен дека нема да заврши со хепи енд. Во партиски простории, ги викнал своите министри и глуми седница на влада. Случајно, на тој партиски состанок има камера и микрофони од режимските телевизии кои вршат пренос. За режимските телевизии, малку подоцна и малку по опширно.

Оваа недела, во Собранието на РМ продолжува паничното насилије од страна на власта за основање на контра универзитет за контра професори „Дамјан Груев”, по секоја цена. Се гази по деловник, по закони, по процедури, насилно се ограничува и одзема правото на збор на пратеници. Со една реченица, не се бираат средства кога е во прашање вдомувањето на режимските контра експерти. Е овде наидоа на тврд орев, иако се уште тоа не го сфатиле! И така, власта си тера стара песна како ништо да не се случува...

Но, се случува! Прво, Студентскиот пленум организираше јавна дебата за формирањето на контра универзитет. Власта, како по обичај избега, студентите и професорите како по обичај, аргументирано и издржано го разобличија овој подмолен проект на власта во заминување. Јавно, уште еднаш упатувам огромна благодарност за поканата. Ми беше чест и задоволство.

Кога веќе ги спомнав режимските медиуми, тука се случи чудо! Да почитувани читатели, чудо е во Македонија кога лидер или челници на опозицијата ќе бидат поканети да гостуваат на режимска телевизија. Чудото е само тоа, останатото од гостувањата на Заев на Сител и Спасовски и Шеќеринска на Канал 5 е нешто сосема очекувано, барем за мене. Грдото, уличарско лице на омилениот другар на “началникот” излезе целосно на виделина. Толку е! Сите го видоа кој е и каков е и тука повеќе сомнежи нема. Од друга страна, Заев покажа ментална надмоќ и невидена смиреност. Знае дека работите течат во позитивна насока и од тоа бегање нема.

Ден потоа, Шеќеринска на малограѓанштината и непрофесионализмот на уредничката на режимската телевизија во која по потреба сред емисија снемува струја, одговори со сталоженост, аргументи и вистина! Од овие три настапи, во овие неколку дена, на овие две режимски телевизии се прати најсилната порака: Какви сме ние, слободомислечките и правдољубивите граѓани, а какви се тие, режимските, профитерски, полтрони и извршители. Има разлика, нели!?

И таман помислив дека неделава не може да биде подобра за граѓаните и за државата, кога оп, прес конференција на Специјалното Јавно Обвинителство. Небаре правдата навредена дека оваа недела беше запоставена за сметка на демократијата и слободната мисла, реши силно да одекне, пуштајќи го да заплови македонскиот „Титаник”! Мечот на правдата се симна над главата на оние кои уценувале, поткупувале и фалсификувале избори. Печат и параф на бојкотот на Собранието од страна на опозицијата.

Маските паднаа! Грдото лице на режимот остана само на столбот на срамот, наведнато и згужвано пред судбината која го очекува. Кој што си посеал, тоа и ќе си жнее! Бродот „Титаник”, за жал однесе многу невини, човечки жртви. Овој нашиот, ќе спаси многу судбини на граѓаните, ќе ја спаси државата.

Но, тоа е само првиот и би рекол по лесниот дел од приказната. Тешкото допрва доаѓа и на тоа ќе мора сите заедно да работиме. Младите заслужуваат подобро, Македонија заслужува подобро! Имаме визија, но ни требате сите вие за заеднички да ја оствариме!

Што би рекол Груевски, „аирлија”, „вистината е како шило”!

Оваа недела е за паметење, можам да замислам какви ќе бидат наредните! До тогаш, одиме сите заедно, имаме држава за спасување!

П.С. Има еден убав џип за „уредникот”. Темно син, Ленд Ровер, со дополнителна опрема, решетки и ротациско светло. Мислам дека на вратите му пишува „полиција”…

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.