Протест на лекарите специјализанти во Скопје

Протест на лекарите специјализанти пред Министерството за здравство во Скопје. Фото: novatv.mk

Околу 200 лекари специјализанти од Медицинскиот факултет се собраа денеска пред Министерството за здравство на мирен протест во знак на револт кон игнорантскиот однос кон Петицијата преку која си ги бараат своите права, пренесува НоваТВ.

Тие бараат да не се снимаат испитите преку видео и да се емитуваат на интернет, велат „не“ за работа без плата, за неплатените дежурства, за лихварскиот договор и за јавното деградирање како идни лекари.

Специјализантите бараат измени на Законот кој неодамна беше усвоен во Собранието, бидејќи сметаат дека таков закон е катастрофален и лошо се одразува во ситуација на голем одлив на лекари од државата. Според Законот, од 15 февруари стартува видео снимањето на испитите, колоквиумите, дипломските и магистерските испити кои ќе се емитуваат на страницата на Министерството за здравство.