Во никој случај нема да дозволиме Македонија да се претвори во паркиралиште за мигранти, порача денеска министерот за надворешни работи Никола Попоски по средбата со неговиот чешки колега Љубомир Заоралек. Тоа, како што изјави, нема да дозволат да и се случи и на Грција, бидејќи Македонија пред сė со неа има економски, туристички и инвестициски интереси и вложила енергија во градење на доверба за сега двете земји да се конфронтираат по ова прашање. Според него, Македонија бара решение за справување со мигрантската криза од кое и Грција ќе биде дел. Немаме никаков интерес Грција да не може да ги решава проблемите, но нема да дозволиме да се спроведуваат решенија кои ќе бидат на штета на Македонија, нагласи Попоски.
Но, во никој случај нема да дозволиме да бидеме претворени во бегалски камп, затоа што ниту еден мигрант не е дојден во Македонија со падобран. Сите од прв до последен се влезени од земја членка на ЕУ на наша територија.Никола Попоски, министер за надворешни работи.
„Ќе обезбедиме за секој барател на азил во Република Македонија сместување и сите третмани на кои земјата е обврзана на меѓународно ниво. Но, во никој случај нема да дозволиме да бидеме претворени во бегалски камп, затоа што ниту еден мигрант не е дојден во Македонија со падобран. Сите од прв до последен се влезени од земја членка на ЕУ на наша територија“, рече Попоски.
Попоски додава дека за да функционираат работите треба најпрвин секој дома да си ги извршува задачите, а Македонија ги реализира своите со тоа што спречува илегална миграција и обезбедува хуман третман на сите основани баратели на азил. Тој нагласи дека очекуваат секоја земја која се наоѓа на рутата на бегалците и мигрантите да ги преземе сопствени одговорности. Заоралек рече дека е дојден во посета на Македонија за Чешка да и помогне на земјата да го реши овој проблем и да не стане камп каде би се задржале сите бегалци.
„Би сакал да го кажам истото што веќе го кажа министерот Попоски, а тоа е дека секој треба да си ги исполнува своите обврски. Значи не е работата некој да стане жртва, туку сите да соработуваме“.
На прашањето дали Чешка го поддржува предлогот на Унгарија за Шенген зоната да се штити во Македонија и што би значело тоа за нашата земја, Заоралек одговори дека како земји членка на ЕУ имаат свои задачи, кои треба да ги исполнат, но имаат интерес и да им помагаат на земјите партнери.
„Се работи за заштита на слободниот простор на движење што беше една од причините за влегувањето на Чешка во ЕУ. Имаме интерес тој слободен простор на движење да го заштитиме со сите земји членки за иднината на ЕУ“.
За предлогот бегалците со воз од Гевгелија директно да се транспортираат во Австрија, Попоски рече дека не може да даде одговор за прашање кое зависи од неколку земји и таква мерка не е договорена.