Широк Сокак се празни

Колку битолчани се иселиле нема податок, но според кажувањата си заминуваат младите, кои не успеале да најдат работа според образованието што го завршиле.

Нема официјален податок колку жители од Битола се иселиле во последните години. Но, битолчани кои ги анкетиравме кажуваат дека Широк Сокак станува се попразен, а претежно заминуваат младите кадри кои се обезнадежиле откако не успеале да најдат работа според образованието што го завршиле.

Ние секој ден се соочуваме со патници кои заминуваат со карти во еден правец. Многу е жално и тешко.
Анкетиран граѓанин.

„Во Битола овие години многу млади кадри си заминаа, од фармацевти, медицински сестри, правници, стоматолози. Прво почнуваат да бараат работа, гледаат дека нема според струката и заминуваат за странство. Најчесто кај нас можеш да најдеш вработување со минимална плата од 10 илјади денари.“

„Сите ја чувствуваат кризата и младите имаат желба за надвор.“

„Младите се иселуваат поради состојбите во државата, едно поради работа, друго заради подобар перспективен живот.“

„Се иселуваат само поради невработеност, нема работа, немаат никаква егзистенција, не можат да склопат брак.“

„Млади завршиле школо и греота е да работата болничари некаде или пак во некоја фабрика за осум илјади денари.“

„Ние секој ден се соочуваме со патници кои заминуваат со карти во еден правец. Многу е жално и тешко.“

„Дојде љубовта да се определува според парите. Младите ако сакаат да се земат ќе прашат дали работат неговите или што кола има. Дојде тешко време за младите, многу ми е жал“, велат битолчани.

Темата за иселувањето на битолчани е сė поприсустна во дискусиите на советниците. Од владејачкото мнозинство велат дека иселеничкиот бран настанал по укинувањето на визите.

„Со укинување на визите за европските земји, а беа укинати од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, се отвори европскиот пазар на кој секој со своето образование и квалитет може да конкурира. Токму затоа се обидите на Владата за привлекување на странски инвестиции и отворање на повеќе работни места“, рече Соња Трпезанова, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Битолскиот градоначалник Владимир Талески при пуштањето во употреба на фабриката за чипс, инвестиција на македонски повратник од Австралија, ги повика иселениците капиталот да го инвестираат во татковината.

„Нашите два концепти индустриската зона Жабени и касарната во Битола се проекти за кои времето покажа дека се добри за нашата општина. Соработката меѓу општината и владата ќе продолжи и понатаму зашто имаме заедничка цел, намалување на невработеноста. Општината ќе понатаму ќе им помага на сите оние кои се заинтересирани да инвестираат“, рече Талески.

Наспроти тврдењата на битолчани дека нема работа, податоците од Агенцијата за вработување покажуваат дека во градот има околу 6.500 невработени. Тоа е големо намалување ако се земи во предвид дека град со околу 90 илјади жители , колку што броеше Битола на пописот во 2002 година има процент на невработеност од 6,2 што е близок на Гостивар со 36 илјада жители и процент на невработеност од 5,3. Нема податок колку врз намалувањето на невработеноста влијае и иселеничкиот бран, кој според неофицијални статистики ја сведе Битола на 60 илјади жители.