Заменичката на постојаниот претставник на САД во ОБСЕ и заменик шефица на мисијата на САД во Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена, Кејт Брнс, денеска го повика ВМРО-ДПМНЕ јавно да ја поддржи работата на Специјалната обвинителка во текот на сите фази на нејзината работа. Во обраќањето за политичката криза во Македонија, таа ги поздрави напорите за спроведување на Договорот од Пржино, кој, како што рече, е најдобриот пат за Македонија за излез од политичката криза.
Таа вели дека се преземени значајни чекори за спроведување на договорот, но оти многу важни обврски не се спроведени.
„Изјавите на една политичка партија, ВМРО-ДПМНЕ, и нејзините лидери кои ја напаѓаат работата на Специјалната обвинителка се уште еден извор на загриженост. Ние ги повикуваме сите политички партии, кои едногласно се договорија за именувањето на госпоѓа Катица Јанева, јавно да ја поддржат работата на Специјалната обвинителка во текот на сите фази на нејзината работа. Ние исто така ги охрабруваме сите партии да ја поддржат работата, и јавно и приватно, на независната Државна изборна комисија за да се обезбеди таа да има доволно персонал, ресурси и пристап до информациите кои ѝ се потребни за да ја врши својата работа во првата темелна анализа на избирачкиот список во земјата“, рече Брнс.
Таа додаде дека САД се загрижени поради недостигот на напредок за препораките на ОДИХР од 2014 година за пречистување на избирачкиот список, реформа на медиумите, одвојување на државата од партијата, спречување на заплашувањето на гласачите и притисок.