Германските власти велат дека случајот со наводно силување на 13-годишно девојче од руско емигрантско семејство од страна на мигранти од Блискиот Исток во Берлин е фабрикуван. Случајот ги засили тензиите меѓу Русија и Германија. Девојчето кое 30 часа беше исчезнато пред да се појави им рекло на родителите дека било киднапирано и силувано од, како што вели семејството, мигранти од Блискиот Исток. Обвинителството во Берлин соопшти дека податоците од мобилниот телефон на девојчето покажуваат дека таа ја поминала спорната ноќ кај 19-годишен пријател, кој призна дека била кај него. Според обвинителството, нема докази за силување. Против него нема поднесено пријава. Берлин ја повика Москва да не го политизира случајот, откако шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров посочи дека германските власти ја прикриваат вистината поради „некои домашни политички коректни причини“.