Српскиот парламент денеска не го усвои предлог законот за автентично толкување на Законот за авторски и сродни права, со кој требаше да се воведе терминот „рутински изработени фотографии“ кои не се сметаат за авторско дело. Здруженијата на фотографи протестираа против ваквото решение, а беа најавени тужби и жалби пред меѓународни институции ако толкувањето биде усвоено.
Автентичното толкување официјално го предложи пратеничката на Српската напредна партија Душица Стојковиќ, а за него денеска не гласаше ниеден пратеник.
Во предлогот стоеше дека „како авторско дело не може да се смета и не може да ужива авторско-правна заштита секоја рутински изработена фотографија, која се појавува и презема во електронска форма, без оглед дали е оригинална интелектуална творба на авторот“.