Нов пад на цените на суровата нафта

Цената на барел сурова нафта Брент денеска падна под 28 долари за барел, што е најниско ниво од 2003 година, поради загриженоста дека укинувањето на меѓународните санкции против Иран ќе ја зголемат глобалната понуда на нафта. Техеран веќе најави дека планира да го зголеми извозот на сурова нафта на околу 500 илјади барели дневно, што веројатно дополнително ќе придонесе за зголемување на презаситеноста на пазарот што доведе до намалување на цените на нафтата за 25 проценти од почетокот на годинава. САД и ЕУ викендов ги укинаа санкциите против Иран, откако Меѓународната агенција за атомска енергија соопшти дека Техеран ги исполнил обврските преземени со договорот за ограничување на нуклеарната програма.