Цените на нафтата паднаа под 30 долари за барел, втор пат оваа недела, поради загриженоста дека Иран наскоро може да го рестартира извозот. Ако Меѓународната агенција за атомска енергија соопшти дека Техеран го исполнува условите преземени со нуклеарниот договор со шесте светски сили од јули минатата година, Иран може повторно да почне да извезува нафта. Според договорот, Иран се согласи да ја ограничи нуклеарната програма во замена за укинување на меѓународните санкции. Поголемата понуда на нафта доведе до намалување на цените за над 70 проценти во изминативе 18 месеци, што драматично се одрази на Русија и на другите држави зависни од извозот на нафта. Рускиот премиер Дмитри Медведев денеска ѝ нареди на владата да одлучи каде може да се направат значителни кратења на трошоците.
„Драматичниот пад на цените на нафтата кој се случи изминативе недели создава многу сериозни ризици за полнењето на буџетот“, рече тој.
Рускиот буџет за годинава е проектиран според цени на нафтата од 50 долари за барел.