Не штедете напори за спроведување на „Пржино“

Прес-конференција на европратениците Едуард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл во Скопј

Тројката од ЕУ порача политичарите целосно да се вложат во спроведувањето на Договорот од Пржино.Тие забележуваат дека договорот не е целосно спроведен, поради што и се зголемува меѓународниот притисок.

Европратениците Едуард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховит по дводневните средби во Скопје во заедничката изјава порачаа дека ги повикуваат претставниците на сите политички партии да не жалат време и напори во имплементацијата на Договорот од Пржино и на итните реформи, прецизирајќи дека сите страни брзо треба да делуваат и да го подготват избирачкиот список и да преземат чекори за унапредување на слободата на медиумите.

Тој не е целосно спроведен, инаку ние не би биле овде, мора да биде спроведен, мора да биде вклучена и оставката од премиерот Никола Груевски како и други структурни реформи.
Ричард Ховит, европратеник.

На прес конференцијата по средбите со лидерите и претставниците на четирите најголеми партии, Специјалната јавна обвинителка и претседателот на Државната изборна комисија, сепак тие не прецизираа дали сметаат дека изборите треба да бидат одложени.

„Што се однесува на ситуацијата со медиумите можам да кажам дека таа ситуација не е задоволителна би сакале повеќе транспаретност да постои повеќе простор за медиумите, постои недостаток на комуникација . Ова е многу важен недостаток за демократскиот систем на вашата земја“, рече европратеникот Иво Вајгл кој нагласи дека разговарале и за изборите и за изборниот процес спомнувајќи ги како што рече контроверзиите за избирачкиот список додавајќи дека малку реформи а и дел со задоцнување биле преземени досега.

Според неговиот колега Едуард Кукан солидна основа за решавање на кризата во земјава е Договорот од Пржино и јасно било кажано дека тој треба да се имплементира сега.

„Јас исто така мислам дека тоа треба да биде патриотска одговорност за сите најважни политички чинители“, рече Кукан.

И пратеникот Ричард Ховит исто како и неговите колеги ја нагласи важноста од целосното спроведување на Договорот од Пржино спомнувајќи ги медиумите и избирачкиот список како и целосната поддршка што му ја давале на посредникот во разговорите на работната група Питер Ванхауте. Неделава, нагласи тој, во земјава се забележува меѓународен дипломатски притисок и секој претставник од меѓународната заедница ја носи истата порака - спроведувањето на Пржинскиот договор.

„Тој не е целосно спроведен, инаку ние не би биле овде, мора да биде спроведен, мора да биде вклучена и оставката од премиерот Никола Груевски како и други структурни реформи“, рече Ховит.

Инаку европратениците побараа од партиските лидери да ја искористат дискусијата и со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан за да осигураат договор за спроведување на сите прашања. Тие нагласија и дека постои целосна поддршка во земјата за специјалната обвинителка да ја спроведе својата работа и истакнаа дека тие се подготвени да и помогнат на земјата во постигнување напредок во спроведувањето на договорот.