Експлозија во Истанбул, најмалку 10 жртви

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Експлозија во центарот на Истанбул, најмалку 10 загинати

Најмалку 10 луѓе загинале, а 15 биле повредени при денешната експлозија во центарот на Истанбул, соопштија турските власти. Експлозијата се случила во туристички атрактивниот историски дел на градот, каде што се наоѓаат Топкапи, Аја Софија и Сината Џамија.

Полицијата ја блокираше областа на местото на инцидентот, а амбуланатни возила ги пренесуваа повредените. Како што јавија некои турски медиуми, експлозијата ја предизвикал бомбаш самоубиец, а меѓу повредените имало и странски државјани.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека експлозијата ја предизвикал човек со сиријско потекло, додавајки дека меѓу загинатите има и турци и странци.

Кабинетот на премиерот Ахмет Давутоглу воведе забрана за објавување информации во врска со експлозијата, повикувајки се на законот кој го овозможува тоа доколку станува збор за закана врз националната безбедност или јавниот ред и мир.

Во изминатите месеци, курдските бунтовници и исламистичките милитанти извршија неколку бомбашки напади во Турција. Во Октомври, во два самоубиствени напада во Анкара, загинаа над 100 луѓе.